Connect with us

Култура

Преку „Бал на цветовите“ ќе цвета фолклорот на Струмичкиот карневал

Преку народните ора, песни и носии, ние ја оживуваме историјата, обичаите и духот на нашиот народ, токму она што карневалот го слави – автентичноста и колективната радост, вели Ленче Карачанакова, раководителка на Здружението за песни и ора „Фолклорна низа“, кое по шести пат ќе учествува на Струмичкиот карневал и вечер, на Големото карневалско дефиле, ќе се претстави со маската „Бал на цветовите“.

Маската ја симболизира радоста, разноликоста и будењето на природата, но и шаренилото на човечките емоции и традиции. Од „Фолклорна низа“ велат дека цветовите се вечен симбол на животот, обновата и убавината, исто како што фолклорот е жива традиција што постојано се обновува преку новите генерации.

„Балот претставува заедничка свеченост, место каде што сите се поканети да играат, да пеат и да се радуваат без разлика на возраст. Токму така и нашиот настап ги обединува децата и возрасните во едно заедничко оро, создавајќи сцена полна со боја, движење и насмевки. Преку ‘Бал на цветовите’ сакаме да ја прикажеме хармонијата меѓу традицијата и современиот карневалски дух. Секој учесник е како цвет во голем букет, различен, а сепак неопходен за целината. Заедно, тие ја создаваат сликата на жив, весел и горд фолклор што слободно чекори низ улиците на Струмица“, го објаснува Карачанакова значењето на маската.

Додава дека Здружението со голема радост и гордост учествува на Струмичкиот карневал – настан кој претставува симбол на традицијата, радоста и заедништвото.

„Фолклорот и карневалот имаат многу заедничко: и двата се израз на народната култура, креативноста и желбата да се зачува духот на заедницата преку игра, песна, костими и обичаи предадени од генерација на генерација. Децата, но и повозрасните членови, со возбуда и гордост ги облекуваат народните носии, учат чекори и песни и со насмевка ја пренесуваат радоста што ја носи традицијата. За нив ова е незаборавно искуство – можност да бидат дел од нешто големо, да настапуваат пред публика и да ја почувствуваат силата на колективниот дух“, посочува Карачанакова.

За учеството на Карневалот пресудна е големата желба да ја претстават македонската фолклорна традиција во едно современо, весело и шарено карневалско опкружување, бидејќи, како што велат, фолклорот не припаѓа само на сцените и фестивалите, туку и на улиците, меѓу луѓето, таму каде што се чувствува вистинската енергија на народот.

За децата,пак, учеството на карневалот е вистинска радост и незаборавно искуство.

„Тие со голем ентузијазам ги прифаќаат пробите, настапите и дружењето, чувствувајќи се горди што се дел од нешто поголемо. Насмевките, возбуда и позитивната трема пред настапот се најубав доказ дека преку вакви настани кај нив се гради љубов кон фолклорот и традицијата. Нашата цел со учеството на Струмичкиот карневал е да промовираме љубов кон традицијата, да поттикнеме младите да ја негуваат народната култура и да придонесеме за збогатување на културната понуда на нашиот град. Преку музика, песна и оро, сакаме да испратиме порака за заедништво, љубов и почит кон корените што не поврзуваат сите нас“, рече на крајот раководителката на Здружението за песни и ора „Фолклорна низа“, Ленче Карачанакова.

Досега на Струмичкиот карневал играорките и играорците се претставиле со маските „Курназ баби“, „Цветовите на боговите“, „Магични празници“, „Сложувалки“, „Бранови на радоста“ и годинава со „Бал на цветовите“.

Инаку, годинава Струмичкиот карневал се одржува од 18 до 25 февруари. Главниот настан, карневалското дефиле, се одржува вечер, а утре е традиционалниот Детски карневал по повод празникот „Прочка“.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1