Connect with us

Култура

Во МКЦ во Тирана отворена тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“

Во Македонскиот културен центар во Тирана, свечено беше отворена тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“, во организација на НУ Завод и Музеј – Битола.

„Оваа изложба има особено значење бидејќи промовира инклузивност, еднаквост и достапност на уметноста за сите. На мултисензорната изложба се претставени 12 тактилни предмети од богатото македонско културно наследство од Музејот во Битола“, објави македонската амбасада во Тирана. 

Се додава дека предметите се соодветно технички опремени, а посетителите имаат можност да се запознаат со изложбата преку допир и преку QR кодови со соодветни аудио фајлови, со цел доживување на изложбата со сите сетила. 

Изложбата свечено ја отвори директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, а поздравен говор одржа и директорката на битолскиот музеј, Маргарета Спасов.

„Главниот иницијатор на проектите за достапност и организатор на изложбата, Ирена Ружин, ги водеше присутните низ поставката, при што посетителите имаа можност да ги допрат 3Д моделите на кои се прикажани значајни македонски културни обележја, вклучувајќи ја и познатата Саат-кула во Битола“, се наведува во објавата.

Како и секогаш, настаните во КИЦ Тирана имаат силна поддршка од македонската амбасада во Албанија. На присутните им се обрати и вршителката на должност амбасадорка, Радмила Стојмировска, која ја истакна важноста од промоцијата на македонското културно наследство, како и значењето на изложби што се достапни за сите.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3