Connect with us

Филм

Утре почнува 76. „Берлинале“

Во Берлин, утре почнува 76. Меѓународен филмски фестивал познат како „Берлинале“, кое се смета за еден од најдобрите филмски фестивали во светот покрај Кан и Венеција. Најавени се 22 филма коишто ќе се натпреваруваат за главната награда – „Златна мечка“, а од нив девет се режирани од жени, објавија организаторите на фестивалот.

Меѓу нив се француско-туниската режисерка Лејла Бузид, чиј филм „Со тивок глас“ (A voix basse) се натпреварува за главната награда, како и Ангела Шанелек од Германија со „Мојата сопруга плаче“ (Meine Frau weint), Женевјев Дулуд-де-Селес со „Нина Роза“ и Финката Хана Бергхолм – режисерка на „Дете на ноќта“ (Yön lapsi). Листата ја дополнуваат Германката Ева Тробиш со филмот „Домашни приказни“, Американката Бет де Араухо со „Жозефин“ и Белгијката Анке Блонд со филмот „Прашина“.

Годинашното „Берлинале“ ќе биде отворено утре вечер со филмот „Нема добри луѓе“, од авганистанскиот режисер Шахрбан Садат. Фестивалот се одржува од 12 до 22 февруари.

Претседател на жирито на фестивалот оваа година е германскиот режисер Вим Вендерс, автор на антологиските филмови „Небото над Берлин“ и „Париз-Тексас“. Режисерот ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело во 2015 година.

– Никогаш не ми падна на памет дека ќе имам можност да застанам на чело на жирито на Фестивалот во мојот роден град. И тогаш „ми светна“ – на „Берлиналето“ ќе гледам филмови од сосема нова перспектива и ќе можам да водам длабоки дискусии со интелигентни луѓе кои имаат страст за киното, рече Вендерс.

Според директорката на Фестивалот, Триша Татл, и овогодишната програма е разновидна.

– Фасцинирани сме од богатиот избор на филмови и сме прилично убедени во шармот на овие остварувања. Па така, може смело да речеме: Ако тука не најдете ништо што Ви се допаѓа, тогаш не ви се допаѓа киното, рече таа.

Глумиците Ејми Адамс која глуми во филмот „На море“, Жулиет Бинош која ќе го претстави американскиот филм „Кралица на морето“ и Сандра Хилер која глуми во филмот „Роуз“, би требало да зачекорат на црвениот тепих.

Минатогодишниот добитник на „Златната мечка“ беше норвешката романтична драма „Соништа“, во режија на Даг Јохан Хаугеруд.

„Берлиналето“ е основано во 1951 година и од 1978 се одржува секоја година во февруари. На еден собир, Фестивалот е домаќин на околу 20.000 филмски професионалци од 120 земји и продава околу 330.000 билети за пошироката јавност, што го прави најпосетуваниот фестивал во светот. „Берлиналето“ се карактеризира со својата посветеност на разноликоста, еднаквоста и рамноправноста. Во 2019., организаторите ја потпишаа Повелбата за паритет и разновидност, обврзувајќи се на поголема транспарентност во изборот на филмови и составот на нивните управни тела.

Се доделуваат „Златна мечка“ за најдобар филм, „Гран при“ (Голема награда) на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика.

Од 1992., се доделува и наградата „Теди“ за филм што се занимава со ЛГБТ-заедницата. Во 2020 година, организаторите ја повлекоа наградата „Алфред Бауер“ за нови перспективи во филмската уметност, именувана по поранешниот директор на фестивалот, откако открија дека тој бил поврзан со нацизмот во Германија.  

Маркетинг
Ad 1
Ad 2