Connect with us

Култура

Ѕвездата на „Stranger things“ – Никола Ѓуричко со настап во МНТ за роденденската прослава

Свеченото одбележување на големиот јубилеј на Македонскиот народен театар (МНТ) почнува на 30 март, со стенд‑ап шоуто „Шоубиз“ (Showbiz), во изведба на белградскиот и светски познат глумец Никола Ѓуричко. 

„Како наградуван актер и во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги и на холивудската сцена, тој сепак, е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште (ЈДП) во српскиот главен град, каде што беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги. Од крајот на 2019. живее и работи во Лос Анџелес, САД. Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата ‘Почудни нешта’ (Stranger Things), како и во филмот ‘Светска војна Зи’ (World War Z) и други меѓународни продукции. По три години од успешниот стенд-ап ‘Сѐ што сакавте да знаете за Џони, а никогаш не се осмеливте да го прашате’, Ѓуричко подготви нова програма под наслов ‘Шоубиз’, со којашто настапува во Србија, но и низ регионот и дијаспората, во рамки на неговата голема турнеја“, соопшти МНТ.

Новиот материјал, како и претходниот, е потпишан од Ѓуричко и се однесува на неговиот живот, кариера и семејството. И оваа шоу-програма на духовит начин ги раскажува интересните детали од неговиот живот и професионалниот пат.

– „Шоубиз“ е моето ново стенд-ап шоу. Речиси три години не настапував, па се зажелев за луѓе, за публика. Имам многу нов материјал… Тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, коишто сакам да ги споделам со луѓето. Како на пример, зошто ме фаќаа за јаката, зошто морав да присуствувам на породување или зошто го пријавив син ми во полиција – вели Ѓуричко.

Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лични сведоштва од меѓународната кариера.

„Неговиот настап е дел од роденденската прослава на МНТ. Во чест на првата претстава изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде што беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претставите од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата. Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување – рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот. Годинава продолжува со одбележувањето и на 81 година од постоењето“, се вели во соопштението.

Билетите се пуштени во интернет-продажба, како и на билетарницата во МНТ.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1