Култура
„Трага во бесконечноста“, хуманитарна групна изложба во чест на Сара Јорданова
Центарот за култура „Бели мугри“, во соработка со семејството Јорданови, подготвува проект од културата во чест и за спомен на Сара Јорданова, средношколка во кочанската гимназија, која почина во трагедијата во „Пулс“ од 16 март минатата година. Станува збор за хуманитарна групна ликовна изложба насловена „Трага во бесконечноста“, со поднаслов „За децата, за животот, за трагата“.
На изложбата ќе има поставка од дела насликани од Сара и од нејзината мајка Лидија Јорданова. Ќе можат да се купат репродукции од овие слики.
Освен ова, ликовни уметници од градот и од различни делови на државата имаат најавено учество на оваа изложба со свои слики. Се предвидуваат и други содржини…
Изложбата „Трага во бесконечноста“ ќе биде поставена во салонот на спратот во ЦК „Бели мугри“. Отворањето е предвидено за 27 февруари во 18:30 часот. Изложбата, која ќе има продажен карактер, во салонот на кочанската Национална установа ќе биде отворена до 6 март.

На изложбата во Кочани ќе има и дела насликани во текот на ликовната работилница што се одржа во Ресен на 3-ти овој месец, во организација на ДК „ДрагаиТозија“. Оваа работилница, исто така беше посветена на Сара, чие семејство потекнува од Ресен.
Средствата се наменети за деца без родители.

Уметноста зборува каде зборовите замолкнуваат – гласи пораката што ќе биде испратена од овој хуманитарен настан посветен на Сара, која во својот краток живот, освен со сликање, се бавеше и со музика. Таа беше член на првиот состав на бендот „Корка“, свиреше на тапани.
февруари 6, 2026

