Connect with us

Култура

Изложба „Кинетички арт-театар“ на Петко Јакимов во македонскиот КИЦ во Софија

На 5-ти февруари во Македонскиот културно-информативен центар во Софија е отворена  изложбата „Кинетички арт-театар“ на Петко Јакимов која претставува комплексен уметнички проект што ја отвора работната и истражувачка фаза на авторот во развојот на кинетички скулптури, прикажувајќи графички студии создадени во периодот од 2025 до 2026 година.

Станува збор за дела што не се ограничуваат на подготвителна функција, туку се афирмираат како самостојни уметнички остварувања, поставени на пресекот меѓу цртежот, сценскиот простор, дигиталната технологија и концептуалното размислување.

Графичките студии на Јакимов произлегуваат од синтеза на класични цртачки техники и современи дигитални ликовни средства. Тие функционираат како визуелни лаборатории во кои авторот ги испитува односите меѓу форма, движење, конструкција и простор, пред нивната материјализација во волумен и кинетичка форма. Во таа смисла, изложбата нуди ретка можност публиката да навлезе во процесот на настанување на едно уметничко дело, следејќи ја неговата трансформација од идеја во потенцијална физичка структура.

Еден од клучните концептуални аспекти на изложбата е обидот преку графички средства да се замисли и пресоздаде атмосферата на просторот во кој идните кинетички скулптури ќе егзистираат. Наместо цртежот да го третира како изолиран визуелен објект, Јакимов го поставува во сценски контекст, третирајќи го како дел од поширок наративен и театарски универзум. Токму ваквиот пристап им дава на делата изразена сценска димензија и ја отвора нивната можност за читање како фрагменти од замислена претстава во движење.

Централно место во овој уметнички процес зазема типизацијата на ликовите. Преку прецизна графичка анализа, авторот гради фигури што функционираат како механички структури, но и како драмски и симболички единици. Овие ликови не се индивидуални портрети, туку архетипови што упатуваат на различни човечки состојби и карактери: романтичарот, нарцисот, наивната и доверлива личност, манипулаторот, интелигентниот човек што тоне во заборав, сентименталниот очајник, заводничката што нуди лажна надеж и многу други.

Прикажани во машинска форма, овие типизирани ликови стануваат метафори за современиот човек, заробен меѓу сопствените емоции, општествени улоги и автоматизирани модели на однесување. Нивниот идентитет е намерно прикриен зад насловите на делата, со што авторот свесно ја пренесува интерпретативната одговорност на публиката, поттикнувајќи активен и личен однос кон прикажаното.

Изложбата „Кинетички арт-театар“ претставува значајна работна фаза во реализацијата на поширокиот истоимен проект, чија цел е создавање самостојни кинетички скулптури што ќе функционираат независно, ќе комуницираат меѓусебно и ќе бидат поддржани од вештачка интелигенција. Во овој проект, уметноста, технологијата и просторното размислување се спојуваат во хибридна форма, во која визуелното, сценското и концептуалното се неразделно поврзани.

Креативниот и професионален развој на Петко Јакимов е тесно поврзан со неговото долгогодишно искуство во повеќе уметнички и медиумски дисциплини. Тој својата кариера ја започнува како сценограф и костимограф во театарот, каде што сценскиот простор и драмската нарација стануваат основа на неговиот визуелен јазик. Подоцна, неговиот интерес се проширува кон графичкиот дизајн, а потоа и кон филмот и телевизијата, каде што работи на 2D- и 3D-анимација, постпродукција и визуелни ефекти.

Компјутерски генерираната слика повеќе од дваесет и пет години претставува составен дел од неговата уметничка и професионална практика, особено во областа на телевизиски дизајн, подвижна графика, рекламирање и музички видеа. Денес, Јакимов паралелно работи на филмски проекти и кинетички скулптури, развивајќи современи уметнички форми што свесно ги надминуваат традиционалните поделби меѓу медиумите и дисциплините.

Неговата наставна дејност како главен асистент на Катедрата за уметности и дизајн при Новиот бугарски универзитет во Софија дополнително го продлабочува овој истражувачки пристап, поставувајќи го во постојан дијалог со новите генерации уметници и со актуелните технолошки и концептуални прашања на современата уметност.

Со изложбата „Кинетички арт-театар“, публиката не добива само увид во еден конкретен уметнички проект, туку и отворена покана за размислување за улогата на уметноста во современиот технолошки и сценски контекст. Тоа е изложба во која цртежот престанува да биде крајна цел, ликот ја надминува формата, а движењето станува носител на значење, нарација и емоција.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2