Здравје
Истражување: Физичката активност помага во справување со депресијата
Истражувањето на Универзитетот во Ланкашир сугерира дека вежбањето има „сличен ефект“ врз депресијата како терапија.
Во истражувањето биле анализирале 73 истражувања, со кои биле опфатени 5.000 пациенти кои страдале од депресија. Резултатите покажуваат дека умерената физичка активност добро влијае врз лицата кои страдаат од депресија.
– Нашите резултати укажуваат дека физичката активност се чини како безбедна и достапна опција за помош во справувањето со симптомите на депресија, изјави Ендрју Клег, истражувач од Универзитетот во Ланкашир.
Но, тој потенцира дека физичката активност помага во справување со депресијата кај некои луѓе, но не кај секого и оти е важно да се пронајдат пристапи што поединците се подготвени и способни да ги одржуваат на долг рок.
Во светот околу 280 милиони страдаат од депресија, а според научните истражувања, придобивките од физичката активност за менталното здравје веќе се докажани, што доведе до тоа, пешачењето, трчањето и јогата да се разгледуваат како начини на лекување на депресијата, заедно со психотерапијата и антидепресивите.
Во научен труд објавен минатиот месец во „Кокрејн ривју“ (Cochrane Review) се потенцира дека физичката активност може да биде корисен избор за лицата кои страдаат од депресија.
Научниците предупредуваат дека сè уште немаат податоци за долгорочните ефекти од вежбањето врз депресијата.
февруари 6, 2026

