Вести
Командирот на ППЕ Кочани: Гореа плафонот, шанкот и бината, имаше сандаче за хидрант со црево, но без вентил
Командирот на противпожарната едница во Кочани, Драган Апостолов, на денешното судење за „Пулс“ рече дека ноќта на кобниот настан бил дома кога добил телефонски повик во 2.47 часот за пожар во дискотеката по што ги известил и ги повикал сите команданти на смена, а побарал и помош од противпожарните единици од Виница, Штип, Свети Николе и од Пробиштип за да помогнат во гаснењето на пожарот.
Целата опрема и вработените од ТППЕ Кочани била ангажирана и излезена на терен – девет возила од кои пет теренски и навални возила и три џипа со помала носивост на вода, како едено командно возило Лада Нива.
– По пристигнување во 2:55 веднаш се упатив во објектот. Од влезната врата само излегуваше чад. Огнот беше распламтен внатре, гореше плафонот, шанкот и бината. Имаше многу деца кои бараа помош. Со опрема и кислород влегов внатре во објектот, каде веќе имало негови колеги со кои почнале да извлекуваат лица. Дел од колегите истовремено извлекуваа, а дел со вода го потиснувавме огнот. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не не пеплоса огнот сите, додека останатите извлекуваа лица, изјави појасни Апостолов.
Најмногу повредени и починати лица имало во предходникот пред влезната врата, кој, како што посочи, не бил поголем од три-четри метри. Од ходникот десно била билетарата, а лево тоалетот.
– Помеѓу повредените имаше и живи, кои ги изнесувавме надвор до црвениот тепих по што ги преземаа други, кои веројатно ги носеле во болница. За надвор не знам, цело време бев внатре, рече Апостолов.
Внатре во дискотеката било зачадено и многу топло, нагласувајќи дека и со заштитна опрема, иако не се допрел до огнот добил изгореници и пликови на рацете и главата.
– Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени пп апарати од девет килограми, рече сведокот.
Интервенцијата завршила околу 4 – 4:30 часот кога пожарот бил локализиран.
– По локализирање, побарав дозвола од Јавен обвинител да извршиме пребарување за останати лица. По пребарувањето извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме, изјави Апостолов.
Гаснењето на пожарот, како што појасни сведокот, било од две страни, внатре преку главната врата, како и од задната врата.
– Јас таа врата кога ја видов, мој колега веќе од таа врата дејствуваше и го гаснеше огнот. Дали била отворена или претходно разбивана не знам, изјави Апостолов, нагласувајќи дека пред вратата немало ниту повредни, ниту изгорени и дека целото збиднувања било пред главната врата.
За денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани уште четворица сведоци.На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
февруари 5, 2026

