Connect with us

Филм

При снимањето на трилогијата „Хобит“ пцовисале 27 животни

Безмалку 27 животни пцовисале на фармата на Нов Зеланд, каде што биле сместени коњи и друг добиток, што се користеле за снимањето на филмската трилогија „Хобит“. Според активистите за права на животните, причината за пцовисувањето биле исклучително лошите услови.

Поранешни вработени во продукцијата ја обвинија филмската компанија одговорна за филмовите дека е одговорна за мртвите животни наведувајќи дека фармата, на која биле сместени 150-ина животни, била стапица на смртта – со стрмни карпи, длабоки дупки, подземни водотеци и оштетени огради. Тренерот на коњи, Крис Ландриџ, кој бил вработен во ноември 2010 година, рече дека веднаш предупредил за опасностите и се обидел да ги пополни вдлабнатините и да ја поправи оградата, но условите и натаму биле неодржливи, објави „Дејли мирор“.

Според него, првото животно што пцовисало било мало пони по име Рејнбоу, чиј ‘рбет бил повреден кога паднало од високо, па било успиено. Неколку дена подоцна, друг коњ бил повреден кога се заплеткал во ограда, што го натерало Ландриџ да даде отказ од работата.

Неговиот колега Џони Смит рече дека, освен коњи, и кози, и овци, и кокошки исто така пцовисале – некои паѓале во дупка, во бездна, во вода, други умирале од паразити, од исхраната или во напади од кучиња… Тој вели дека бил отпуштен во октомври 2011 година по спор со претпоставените за третманот на животните.

Американската добротворна асоцијација, која се грижи за благосостојбата на животните во филмската индустрија, соопшти дека ниедно животно не било повредено за време на снимањето на Нов Зеланд, но призна пропусти во надзорот врз објектите во кои животните биле сместени и дресирани.

Портпаролот на режисерот, Питер Џексон, потврди дека коњи, кози, кокошки и една овца пцовисале на фарма во близина на Велингтон додавајќи дека некои случаи биле предизвикани од природни причини. Според наводите, најмалку два од случаите можеле да се спречат и дека продукцијата оттогаш значително вложила во подобрување на условите.

Портпаролот додаде дека продукциската куќа повеќе не ја користи фармата и дека самиот Питер Џексон удомил три од свињите што биле користени за време на снимањето на трилогијата

Маркетинг
Ad 1
Ad 1