Вести
Владата ќе ги достави петте кандидати за јавен обвинител до Советот на јавните обвинители
Владата на денешната седница донесе заклучок во однос на петте кандидати за јавен обвинител и во согласност со законските одредби ќе ги достави до Советот на јавните обвинители, информира денеска на прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Одговарајќи на новинарско прашање, Митева појасни дека Собранието ја информирало Владата за завршување на огласот за Јавен обвинител.
– Собранието ја информира Владата за завршуавње на огласот за јавен обвинител. Ги достави петте кандидати, добро познати на јавноста. Владата донесе заклучок во согласност со законските одредби што ѝ стојат на располагање да ги достави до Советот на јавните обвинители, кој има рок од 15 дена да ѝ одговори на Владата, односно да испрати мислење – рече Митева.
Според неа, по завршувањето на сите формално правни состојби, следните денови ќе биде доставена до Советот за јавните обвинители.
Од собраниската прес-служба не ги откриваа имињата на кандидатите, но како што некои од пријавените и сами потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.
февруари 3, 2026

