Политика
Лефков: Со гласањето на Кривичниот законик се испраќа порака дека борбата против корупцијата нема алтернатива
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција истакна дека со денешното гласање на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, Собранието испраќа јасна порака – борбата против корупцијата нема алтернатива, а правдата мора да биде еднаква за сите.
Потенцира дека ова е јасен доказ дека кога постои политичка волја и почитување на правото и законите, државата може да се движи напред.
Лефков нагласи дека со овој закон се исправува една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година донесена од претходната власт.
– Денес, Собранието на Република Македонија со 76 гласа „за“ го усвои Законот за изменувањето и дополнувањето на Кривичниот законик предложен од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Со овој закон се исправува една сериозна неправда направена со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година донесена од претходната власт, со која беа ублажени казните за корупција, беа избришани клучни одредби за злоупотреби во јавните набавки и беа создадени услови за застарување на предмети од висок профил на корупција – рече Лефков.
Тој истакна дека новите законски решенија ги вратија суштината на казнената политика, превенцијата и репресијата против корупцијата и организираниот криминал.
– Ја зајакнуваат надлежноста на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и постапуваат во согласност со забелешките содржани во извештајот на Европската комисија за 2023 година, како и во согласност со решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година. Со законот се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали, се зајакнува заштитата од родово базирано и семејно насилство во согласност со Истанбулската конвенција, се проширува примената на проширената конфискација и се прави доусогласување со законите поврзани со проектот „Безбеден град“ – рече пратеникот Лефков.
Коментирајќи ја реакцијата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека власта уште лани знаела оти проблемот со превозниците ќе се појави, меѓутоа не презела ништо, Лефков одговори дека тоа е сериозен проблем на кој се работи за негово решавање.
– Станува збор за сериозен проблем на кој се работи за решавање. Апелите на Владата се јасни. Тоа е еден проблем што тангира една група на земји. Се надевам дека што побргу за тоа ќе се најде решение. Важно е дека Владата и дипломатските капацитети на државата се вклучени во изнаоѓање решение – рече пратеникот Лефков.
јануари 29, 2026

