Култура
„Приказната за Силјан“ во фокусот на февруарската програма на Кинотеката
Кинотеката на Македонија ќе ја почне февруарската програма со документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска. Од 2 до 7 февруари филмот ќе се прикажува од 18 и од 20 часот, а по една проекција ќе има и на 12, 13 и на 14 февруари.
Наградуваниот документарец снимен минатата година е приказна за земјоделецот Никола, кој случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба, се претвора во спасоносна врска, која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
– Програмата на Кинотеката на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања. Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи помеѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. „Приказната за Силјан“ е филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна – соопшти Кинотеката.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш – „Татко, мајка, сестра, брат“. Во европската селекција се филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромерија“.
– Овие остварувања преку разни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде што европскиот авторски филм е најсилен – наведува Кинотеката во соопштението.
Февруарската програма ќе понуди и избор квалитетни анимирани филмови за деца, кои, како што посочува, со своите приказни носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста.
јануари 26, 2026

