Економија
Петрова: Упатени околу 10.000 покани до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство
Сите даночни резиденти во својата држава треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во други земји, рече денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.
Според неа, воопшто што не се работи за ретроактивно оданочување, ниту за покривање состојби како немање пари во буџетот, туку за обезбедување фер и правично оданочување.
-Не се работи ниту за некоја нова законска одредба која сакаме да ја примениме ретроактивно, туку за законска одредба што постоела отсекогаш, откако е донесен Законот за данокот на личен доход и претходно била регулирана и со Законот за персонален данок на доход. Нашите, македонски даночни резиденти тука треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во земјата и во странство, истакна Петрова.
Се работи, дополни, за универзален принцип што се применува во секоја даночна јурисдикција.
Како што информира Петрова, досега УЈП има упатено околу 10 000 покани до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство и по тие покани околу 1 200 лица доброволно поднеле пресметки, а околу 1 300 се задолжени со даночни решенија.
-Процесот на оданочување е се уште во тек. За овие 2 500 лица пресметаниот данок изнесува скоро еден милион евра, но тие се една четвртина од тие што досега сме ги повикале да го пријават и оданочат својот доход, потенцира Петрова.
декември 26, 2025


