Скопје
Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година
Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 742.557.000 денари, односно над 12,5 милиони евра. Споредбено со минатата година, може да се забележи значителен пораст во средствата со коишто ќе располага Општината. При неговото креирање беа земени предвид остварените приходи и расходи од претходните години, како и реалните проекции за приходите во 2026 година. Буџетот има изразена развојна насока и е подготвен согласно принципот на партиципативно буџетирање, со фокус на реалните потреби и барања на граѓаните и локалната заедница.
Голем дел од планираните капитални инвестиции се насочени кон изградба, реконструкција и санација на локалните улици и патишта, со цел унапредување на патната инфраструктура во општината. Дополнително, се предвидуваат средства за подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони, како и за редовно одржување на постојната патна мрежа.
Во рамки на програмата за заштита и унапредување на животната средина, планирани се средства за изградба на фекална канализација, чистење на одводни канали и речни корита, одржување на јавната чистота, уредување и проширување на зелените површини, пошумување, како и доделување субвенции од најразличен вид со цел подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Буџетот предвидува и значајни вложувања во образованието и предучилишното воспитание, преку набавка на нова опрема, реконструкција и доградба на училишните објекти и детската градинка, како и инвестиции во развој на спортската инфраструктура.
Буџетот за 2026 година ја отсликува јасната определба на Општина Илинден за континуиран развој, подобрување на квалитетот на живот и одржливо управување со јавните финансии. Со балансирано планирање, насочено кон капитални инвестиции и директна поддршка на потребите на граѓаните, општината создава основа за економски раст, социјална сигурност и заштита на животната средина. Реализацијата на планираните активности ќе придонесе за пофункционална инфраструктура, подобри услови за образование и спорт, како и поуредена, понапредна и помодерна локална заедница.
декември 22, 2025


