Вести
Андреј Петров и Игор Шема му ја „кројат“ капата на Филипче!?
Поранешни високи функционери на СДСМ се незадоволни од начинот на кој актуелното раководство управува со партијата, поради што стравуваат дека тоа ќе доведе до стагнација или дополнително назадување. Како што дознава „Фокус“, тие покренале неформална иницијатива, чија цел не е промени по пат на внатрешен конфликт, туку создавање на силен и победнички СДСМ со заеднички сили. Добро упатени извори посочуваат дека оваа иницијатива треба да се подготвува да настапи со политички концепт и кадровска понуда кога ќе созреат услови, при што се проценува дека тој момент би можел да дојде веднаш по следните парламентарни избори. Нашите соговорници велат дел од оваа иницијатива се поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски и поранешниот генерален секретар Андреј Петров, кои речиси идентично размислуваат во врска со политичкиот пат на СДСМ, па не би било изненадување доколку настапат тимски при барање на поддршка за раководење на партијата. Петров одби да коментира во врска со оваа тема.
Според неофицијални информации на „Фокус“, покрената е иницијатива од страна на поранешни високи партиски и јавни функционери, кои се незаводоволни од начинот на кој моментално се управува со СДСМ, па дури и се противат на многу политики и постапки на матичната партија.
Добро упатени извори велат дека двигателите на оваа иницијатива, како и оние што ја поддржуваат и се приклучуваат кон неа, изразуваат скептицизам дека актуелното лидерство на партијата може да акумулира поголема поддршка од оваа сега, поради што стравуваат дека партијата ќе стагнира, па дури и дополнително ќе назадува.
Односно, додаваат нашите соговорници, тие сметаат дека ако целта е СДСМ повторно да ја врати старата слава и да дојде во позиција да претендира да ја освои власта, потребно е лидерство и раководство кое без никакви калкулации и компромиси ќе отвори фронт против ВМРО-ДПМНЕ на идеолошка, политичка и други основи.
Сепак, сознанијата до кои дојдовме укажуваат дека оваа иницијатива не е конципирана како иницијатива за промени во СДСМ по пат на внатрешен судир, туку повеќе како иницијатива за создавање на силен и победнички СДСМ, што, според припадниците на иницијативата, може да се оствари само со заеднички сили и низ еден инклузивен процес.
Оттука, посочуваат нашите извори, оваа иницијатива не треба да резултира со изострување на конфликт со актуелниот лидер Филипче, туку треба да подготвува политички концепт и кадровска понуда со кои ќе настапи на сцена кога ќе созреат услови, при што се проценува дека тој момент би можел да дојде веднаш по следните парламентарни избори, без оглед дали тие би биле во редовен или предвремен термин.
–Оваа иницијатива не е насочена против никого, но едноставно ферментира ставот дека е доста од ова. СДСМ има 7 отсто рејтинг и ако нешто не се промени ќе го доживее она што му се случува на Џилас во Србија, односно 15 години во опозиција. Но, тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане толку на власт. Дека просторот нема да остане празен тоа се виде со Левица во Скопје – вели поддржувач на иницијативата.
Инаку, дознаваме дека дел од оваа иницијатива се многу познати лица кои биле дел од структурите на СДСМ или пак гравитирале околу оваа партија, меѓутоа, според политичката тежина и габарит од минатото, може да се издвојат поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски и поранешниот генерален секретар Андреј Петров.
Целиот текст на Фокус.мк
декември 18, 2025


