Connect with us

Вести

Пратенички прашања: Редица закони од реформскиот процес во судството, Владата работи и на Стратегија за развој на медиумскиот сектор

Министерството за правда изминатиот период во отворен и транспарентен процес работеше на редица закони од реформските агенди. Тоа го посочи министерот за правда, Игор Филков, кој одговарајќи на прашање упатено до него од пратеничката Дијана Тоска од Европскиот фронт ги наведе сите закони што се донесени или се во владина процедура согласно реформската агенда.

– Кога се зборува за реформскиот процес, тоа е нешто што претходната влада го прифати без разговарање за датумите, во последната година од владеењето, мислејќи дека откако ќе ги изгуби изборите никој нема да успее за толку кратко време да ги доснесе тие суштински реформи и државата да ја придвижи напред, рече Филков.

Пратеничката Тоска незадоволна од одговорот на министерот истакна дека последниот Извештај на Европската комисија ја демаскирал работата на Владата, нагласувајќи дека тоа не никаков документ изготвен од опозицијата туку на официјален Брисел.

– Клучните препораки за судството не се спроведени ниту минимално, во борбата против коурпцијата нула напредок, ресгрес во справувањето со организираниот криминал. Тоа се официјални констатации документирани од ЕУ. Не може секогаш вината да се префрлува на опозицијата бидејќи веќе две години сте на власт и оттаму одговорноста е само ваша, рече Тоска.

На нејзиното прашање за слободата на медиумите и заканите врз новинарите одговараше министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој зборуваше за наследената состојба во медиумите, односно долговите кон АВМУ од над 3,6 милиони денари, кон МРТВ над 80 милиони денари и околу два милиони денари кон Македонската радио-дифузија.

– Обезбедивме средства за овие независни регулатнорни медиумски тела да можат да работат, да вршат контрола и надзор и да изградат радио-дифузната инфраструктура. Со измени на Законот за медиуми овозможивме сите онлајн медиуми во земјата, а кои имат реална авторска, уредничка политика, што се регистрирани и плаќаат даноци да можат да бидат регистрирани како медиуми, нешто што вашата влада не ни помислуваше да го направи, рече Андоновски.

Тој рече дека завршило времето медиуми во земјата кои постирале лажни вести, ширеле  дезинформации, клевети кон политички неистомисленици, а истовремено да бидат финансирани од државни компании, да учествуваат на избори финансирани од политички партии, нивни сопственици да работат во државни институции…

– Тоа време заврши. Во партнерство со онлајн-медиумите ги регулиравме прашањата во Законот за медиуми, а во партнерство со сите медиуми низ состаноци започнуваме со креирање Стратегија за развој на медиумскиот сектор, која ќе ги исцрта правилата…Ова Влада останува посветена на работата во медиумскиот сектор, во партнерство со сите здруженија на медиумските работници. А уцените, омаловажувањата кон медиумите и обидите за поткуп што се случуваа во ваше време се веќе минато, рече тој.

Пратеничката Тоска не беше задоволна од одговорот на министерот Андоновски, посочувајќи дека на било кое прашање упатено кон претставниците на владата одговорите се претварат во политички обвинувања, со примери и искуства од минатото.

– Темата на слободните медиуми не е тема за политичка полемика, туку проблем нотиран во Извештајот на ЕК. Според ЕУ, ситуацијата на медиумите во земјава е влошена, притисоците се зголемени, вербалните напади зачестени, институциите не реагираат. Прашањето беше што сте направиле, не што било направено порано…Вие сте единствената влада од регионот каде има регрес во слободата на медиумите. Кажете што сте направиле за заштита на слободата на медиумите, рече Тоска.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3