Вести
Прирачник за наставници како да ги вклучат во настава учениците кои се на подолго болничко лекување
По создавањето законска рамка за воведување на формалното образование во здравствени установи, стручен тим на Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и НВО САНО, изработи прирачник за наставници за вклучување на учениците на подолго болничко лекување во наставата.
Прирачникот е достапен на линкот https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/priracnik-za-formalno-obrazovanie-vo-bolnicki-uslovi-file-WuSR.pdf и содржи конкретни чекори за успешна интеграција во наставата на учениците кои отсуствуваат од училницата подолго од три недели од здравствени причини.
– Наставниците добиваат насоки за определување на видот на наставата во која ќе го вклучат ученикот, планирање и реализација, водење педагошка евиденција, следење и оценување на постигнувањата на ученикот. Наведени се и конкретни примери за овозможување континуитет на образование на ученикот кој оправдано не посетува настава со физичко присуство. Дополнително, изработена е и брошура со корисни совети како за наставниците, така и за учениците и нивните семејства, која е достапна на линкот: https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/priracnik-za-formalno-obrazovanie-vo-bolnicki-uslovi-file-ZII4.pdf , наведува МОН.
Согласно направените измени на правната регулатива, во новата учебна година, во зависност од здравствената состојба учениците може да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава по прилагодена наставна програма или, пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи. Надлежни за спроведување на оваа системска мерка се основните училишта каде што се запишани учениците кои се на болничко лекување.
Наставникот и ученикот ги користат вообичаените дигитални алатки што се користат во редовниот образовен процес, како на пример платформата ЕДУИНО и платформата за дигитални интерактивни учебници. Училиштето каде што е запишан ученикот може да му додели електронски уред, од фондот на таблет компјутери со кои располага, доколку е тоа потребно.
– Ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува. Болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Напротив – болеста е предизвик, а ние, како општество, им должиме поддршка, структура и надеж. Со инвестирање во нивното знаење, инвестираме во една поправедна, поемпатична и посилна иднина, наведува МОН во објавата.
ноември 28, 2025

