Connect with us

Вести

ФОП: Постои загрижувачки тренд на системска нетранспарентност на јавните универзитети во Македонија

Само два од седум универзитети објавуваат универзитетски гласник, кој е документ каде што се официјализираат сите одлуки на Сенатот и на Ректоратот, и само три од седум јавни универзитети го објавуваат буџетот на универзитетот, а другите тоа не го прават. Постои загрижувачки тренд на системска нетранспарентност на јавните универзитети во државава, е заклучокот од истражувањето на граѓанската организација Форум за образовни промени (ФОП) спроведено од јануари до август 2025 врз основа на кое креирале Индекс на транспарентност на јавните универзитети.

Како што соопшти претседателот на ФОП, Бленди Ходаи, најтранспарентен според стандардите за креирање на Индекстот на транспарентност е Универзитетот на Југоисточна Европа, второто место со ист број поени го делат Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, на четврто место е Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, на петто и шесто, како делумно транспарентни, се Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Мајка Тереза“ во Скопје, а на последното место како целосно нетранспарентен е Државниот универзитет во Тетово. 

Индексот на транспарентност на ФОП е креиран врз основа на анализа на содржините што универзитетите ги имаат објавено на нивните веб-страници и од директни контакти со универзитетите да одговарат на  барање за пристап до информации и до документи кои се од јавен карактер и кои универзитетите законски мора да ги имаат објавено. 

Како пример за таква информација е и буџетот на универзитетот кој, рече Ходаи, треба да биде објавен на универзитетската  веб-страница, „а не за него да прашува некоја невладина организација или медиумите“. 

-Само два од седум универзитети објавуваат универзитетски гласник, кој е документ каде што се официјализираат сите одлуки на Сенатот и на Ректоратот, и само три од седум јавни универзитети го објавуваат буџетот на универзитетот, а другите тоа не го прават. Транспарентноста на јавните универзитети е предуслов за добро управување и за квалитетно образование. Тие се финансираат од државниот буџет и од парите на даночните обврзници и имаат законска обврска да бидат отворени и отчетни кон граѓаните и кон студентите. Недостигот на транспарентност воедно е и недостиг на отчетност и на одговорност, истакна Ходаи. 

Истражувањето на ФОП содржи и заклучоци и препораки за надминување на слабостите. Како што рече, „ова не е само мерен инструмент, туку повик за реформи и за создавање култура на транспарентност и отчетност и култура на квалитетно образование“. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2