Вести
Муцунски во посета на Литванија, во фокус билатералните односи и евроинтеграцијата
На покана на литванскиот министер за надворешни работи Кештутис Будрис, од вечерва до сабота министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ќе престојува во посета на Литванија.
Во рамки на посетата, покрај средбата со својот домаќин, Муцунски во литванскиот Парламент ќе оствари средба со литвански пратеници – членови на комисиите за надворешни работи, ЕУ прашања и членови на Групата за соработка со земјите од Западен Балкан.
Во фокус на разговорите на вториот ден од посетата ќе бидат економските потенцијали и развојот на трговските односи, при што министерот Муцунски ќе ја посети литванската Конфедерација на индустријалци, каде ќе оствари средба со претседателот на Конфедерацијата Видмандас Јанулевичиус, а во Министерството за економија ќе се сретне со министерот Eдвинас Грикшас.
Во Вилнус, министерот Муцунски ќе оствари средба и со македонски иселеници кои живеат и работат во Литванија.
– Ова е прва посета на министерот Муцунски на Вилнус и се реализира во годината во која двете земји одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Целта на посетата е севкупно интензивирање на билатералните односи, со посебен акцент на продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји. Главни теми на разговорите ќе бидат билатералните односи, македонската интеграција во ЕУ, како и клучни регионални, европски и трансатлантски прашања, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
ноември 27, 2025

