Connect with us

Вести

Дебата за предизвиците на земјите-членки на НАТО: Нашата споделена безбедност е споделена одговорност, заканите се реални и постојано еволуираат

Заедничката безбедност е клучна во време на глобални предизвици. Трансатлантското партнерство е посилно од кога било, бидејќи заканите се реални и постојано еволуираат, од кибер напади до последиците од руската агресија врз Украина. Актуелната руска агресија отвора нова поризична епоха во геополитиката и поддршката за Украина е тест за НАТО и ЕУ. Нашата споделена безбедност е споделена одговорност. И, со Европа и Северна Америка заедно во НАТО и Македонија е побезбедна во овој се поопасен свет.

Ова беше порачано на панелот „Дипломатските предизвици на земјите-членки на НАТО во услови на динамични геополитички промени“, во рамки на регионалната конференција „Стратегиските приоритети на НАТО, ЕУ и Југоисточна Европа во мултиполарниот меѓународен поредок”, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со МНРиТ, и со поддршка на Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел. 

Заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шеќеринска, во своето видео обраќање, порача дека партнерството меѓу НАТО и ЕУ е посилно од кога било претходно бидејќи токму сега и е најпотребно, нагласувјќи дека НАТО ја има воената моќ, додека ЕУ ја има регулаторната и финансиската моќ која е потребна.

-Нашите напори мора да бидат трансатлантски, со заеднички труд Европа и Северна Америка можат повеќе да произведат, да бидат поинвентивни и да ја зачуваат својата технолошка надмоќ. Само така ќе ја гарантираме заедничката безбедност. Повеќе од 30 години Алијансата поддржува мир и стабилност во Западниот Балкан. Посветени сме на главната цел проблемите од минатото навистина да останат во минатото, да не дозволиме мирот во нашиот регион да биде загрозен. Стабилноста и успешноста во овој дел од Европа се суштински за нашата безбедност, изјави Шеќеринска. 

Според Шеќеринска, нашето членство во НАТО значеше и значи дека нашиот напредок е заштитен, нашата држава и граници се заштитетни и дека посилно можеме да се бориме за своите интереси. 

-Пет години од пристапувањето во НАТО Северна Македонија продолжува да дава значен придонес со свои воени единици во Мисијата на НАТО во Косово – КФОР, со своите војници во истурените копнени воени сили на НАТО во две земји и со зголемени инвестиции во одбраната. Нашата споделена безбедност е споделена одговорност. И, да не заборавиме, со Европа и Северна Америка заедно во НАТО и ние сме побезбедни во овој се поопасен свет, изјави Шеќеринска.  

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, нагласи дека темата на денешната дебата е навремена и многу важна, бидејќи моменталната глобална состојба е можеби најкомплексна, динамична и предизвикувачка од основањето на Алијансата. 

-Заканите кон нашите нации не се статични и секако не теоретски. Тие се вистински и постојано еволуираат и тоа бара постојана адаптација. Тие што сакаат да ни наштетат се повеќе трошат и пари и ресурси за штетни кампањи и активности против нас и ние мораме да покажеме барем иста енергија и фокус за нивно одбивање. Од дестабилизирачкиот ефект од руската војна против Украина, до постојаната борба против државни и недржавни актери во кибер просторот, се значителни предизвици пред нас. Но руската брутална и нелегална инвазија на Украина дополнително ја зајакнаа нашата заедничка посветеност и решеност да ги одбраниме нашите интереси преку најсилната Алијанса што светот ја знае. САД стојат цврсто зад НАТО и со нашите НАТО сојузници посветени сме да останеме најсилни и најдобро подготвени партнери спремни да се справат со предизвиците на денешниот свет, изјави Агелер. 

САД, нагласи Агелер, инвестираат во одбрана не зошто има избор, туку од неопходност, за да ги заштитиме нашите луѓе, сувереност и нашиот живот, како што прават и сите НАТО членови. 

– Го поздравуваме континуирното исполнување на оврските од Северна Македонија, неопходни за зачувување на силата на НАТО, вклучително и 5 проценти инвестиции, изјави Агелер. 

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер, порача дека дебатата околу надворешната политика и безбедност и во Германија и во Европа, во моментот се наоѓа на позиција дека „ние сме трансатлантски партнери и ќе продолжиме да бидеме доверлив трансатлантски партнер, но во исто време сакаме да станеме поевропски… што побрзо, тоа подобро“. 

-Значи и ЕУ и НАТО се фундаментот на нашата надворешна политика и како Германија и како ЕУ. Што тоа значи, ќе се обидам да посочам некои поконкретни политички цели. Прво, ако светот околу нас забрзано се менува, тогаш и нашата надворешна и безбедносна политика исто така треба да се прилагоди на оваа ситуација. Тоа значи дека најпрво мора да ги дефинираме нашите интереси. За Германија, нашите интереси се јасни. Ние сакаме да ја одржиме нашата безбедност, слобода и просперитет. Верувам дека за најголем дел од земјите во светот ова е клучна цел во надворешната политика. Исто така, знаеме дека тоа можеме да го оствариме само ако се држиме заедно како европејци и трансатлантски партнери, изјави Дрекслер. 

Клучно за нашата безбедност денеска и во иднина, според Дрекслер е да се одврати Русија од понатамошна агерсија.

– Јасно е досега дека агресивната војна на Русија во Украина е закана и за нашата глобална безбедност и стабилност и нашите основни фундаментални вредности. Тоа значи дека ние како европејци ја согледавме потребата да си ги браниме своите теротории и интегритет. Ги зголемивме нашите безбедносни буџети и ќе продолжиме тоа да го правиме и инвестираме во критични способености на тој план и да обезбедиме што поголемо присуство на НАТО во северните делови, изјави Дрекслер, нагласувајќи дека и понатаму ќе продолжат со инвестирање во мир, стабилност и безбедност на Западен Балкан.

Потпретседателот на Собранието и пратеник Антонијо Милошоски, во своето обраќање, предупреди дека актуелната руска агресија врз Украина отвора нова, поризична епоха во геополитиката и бара поголема подготвеност од државите и нивните сојузници.

-Ние, со денешната руска агресија против Украина, гледаме дека не само што историјата не завршува на својот крај, туку навлегуваме во една поризична епоха на наследен геополитички развој, изјави Милошоски, додавајќи дека следните 10–15 години ќе донесат уште посериозни предизвици.

Тој посочи дека поддршката кон Украина е тест за тоа колку Европа и НАТО се подготвени за идните заеднички одговори, а воедно ја нагласи потребата од јакнење на заедничката надворешна и безбедносна политика. Во однос на евроинтеграциите, Милошоски предупреди на растечкиот евроскептицизам во земјава, кој произлегува од неисполнетите ветувања за напредок кон ЕУ.

-Сметаме дека кај нас најголемиот дел од тоа е поврзан со ветувањата кон државата дека наскоро ќе го отпочне патот на евроинтеграција, а потоа неиспорачувањето на тие очекувања, рече тој.

Како долгорочен одговор на геополитичките турбуленции, Милошоски ја истакна важноста од развој на економијата и инфраструктурата, со завршување на три паневропски коридори – Виа Балтика, Виа Карпатија и Коридорот 8 – како и еден меѓународен коридор, што би овозможило поголема мобилност и безбедносни капацитети за регионот.

Конференцијата собира на едно место високи државни чинители и експерти од областа на  безбедноста и меѓународните односи од земјата, регионот како и ЕУ, кои заеднички ќе дискутираат за актуелните безбедносни предизвици кои ги засегаат НАТО, Европската Унија и регионот, земајќи ги во предвид неизвесните и сè подинамични геополитички предизвици. 

Во рамки на конференцијата, како што е најавено, ќе биде промовирана и публикацијата „Низ мултиполарните води: Југоисточна Европа и стратегијата на ЕУ за Кина“, во издание на Фондацијата Конрад Аденауер, Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс и ЕСТИМА, а  која ја анализира позицијата на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) во однос на Кина со оглед на динамиката на глобалните геополитички промени.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2