Вести
Милошоски: Официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на „Една Кина“
Официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина. Уверен сум дека заедничките проекти и соработката во сите области ќе продолжат со несмален интензитет, од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат взаемна корист, посочува потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски во врска со реакцијата на амбасадата на НР Кина во Македонија, што МИА ја објавува во целост.
„Второ, избраните претставници во Собранието на Р. Македонија имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, водејќи се од духот на отворена размена на мислења за релевантни меѓународни теми. Средбата со претставниците од Канцеларијата на Официјален Тајпеј во Рим беше остварена како љубезна куртоазна средба, без никаков дипломатски предзнак и без никаква намера да се редефинираат односите или официјалната политика на Македонија кон НР Кина. Напротив, средбата беше во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија и како можност за мирољубив и информативен дијалог. На средбата учество земаа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи и мојата маленкост, Антонијо Милошоски.
И на крајот, различните мислења и ставови се нормална и очекувана појава во секое демократско општество. Верувам дека и претставниците на НР Кина ќе ја разберат оваа средба како можност за поголема информираност и за подобро разбирање на теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност.“
Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието


