Вести
За поткуп и злоупотреби во „Пулс“: Двајца во куќен притвор, седум со ограничени контакти и движење
Судија на претходна постапка од Основниот суд во Кочани одреди мерки куќен притвор за две лица, кои се даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, додека за шест лица кои беа опфатени во истрагата мерки на претпазливост и за едно лице дополнителна мерка на претпазливост, потврди денеска претседателот на Основниот суд-Кочани, Спиро Борисов. Одлуката е донесена откако Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот “Пулс”.
Според вчерашното соопштение на ОЈО Кочани, двајцата даночни контролори кои се во куќен притвор ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.
-Тие се осомничени за „Примање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице, син на реалниот сопственик на “Пулс” е осомничен за „Давање поткуп“ од член 358 од Кривичниот законик. За првите двајца Обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот во сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во “Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Во него се посочува и дека шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти “ММММ кафе” и “Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле „Злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив се предложени мерки на претпазливост.
-Сопственикот на “Пулс”, кој веќе е во притвор, во другиот предмет е осомничен за „Фалсификување исправа“ според член 378 од Кривичниот законик, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот, пишува во соопштението од Обвинителството.
Според вчерашното соопштение на ОЈО-Кочани осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка, во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело „Оддавање службена тајна“ од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.
ноември 21, 2025

