Култура
На 29 ноември концерт на Камерниот оркестар „Профундис“ во рамки на пост-фестивалската програма на „Охридско лето“
Безвременско музичко патување под светлосната магија на свеќите ќе донесе „Охридско лето“ на 29 ноември во Македонската филхармонија преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“ и солистот на виолончело Петар Пејчиќ кои ќе настапат под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Оваа национална установа успешно ќе ја заокружи годинава со уште еден пост-фестивалски концерт на 20 декември во Центарот за култура во Охрид со меѓународно етаблираните уметници, тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис и Барбаџелата Франческо на пијано.
Ова денеска го најави директорот н а НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, на прес-конференција на која уште еднаш беше потврдена успешната соработка помеѓу оваа установа од областа на културата и А1 Македонија како нејзин генерален спонзор.
-Успешно реализираното јубилејно 65-то издание на фестивалот уште еднаш потврди дека „Охридско лето“ е културен бренд не само на Македонија, туку и на целиот регион.Оваа година Охрид беше центарот на врвната уметност со преку 36 концерти, претстави и настани на кои настапија уметници од целиот свет. Благодарение на поддршката од институциите, спонзорите, нашите партнери, но најмногу од публиката, ова издание беше едно од најпосетените и највисоко оценети во последните години. Шеесет и петтото издание на „Охридско лето“ покажа дека културата има моќ да обединува, да инспирира и да носи нови свежи идеи.Особено сме горди што оваа година го официјализиравме партнерството со А1 Македонија, преку потпишување на четиригодишен договор за стратешка соработка.Новото партнерство со А1 Македонија за нас значи нова визија на културниот развој, стабилност и отворени можности. Со ваквата поддршка фестивалот ќе добие можност да се развива и надвор од летните месеци, изјави директот на „Охридско лето“, Цуцковски.
Цуцковски на денешната прес-конференција на главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, му врачи благодарница за особен придонес и поддршка на македонската култура
Партнерството, како што истакна главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, ја потврдува својата заложба за долгорочна поддршка на културата и заедницата и е пример за синергија помеѓу корпоративната одговорност и културната традиција.
Фестивалот „Охридско лето“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам а се одржува под поктовителство на Претседателот на државата. Генерален спонзор од годинава е А1 Македонија, а фестивалот ужива поддршка и од Амбасадите во државава, од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели.
-Заедно продолжуваме со уште посилна енергија, нови програми и амбиција да ја чуваме уметноста жива – не само во лето, туку преку целата година, додаде првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
ноември 20, 2025

