Connect with us

Вести

Филков: МП во изминатите 18 месеци има донесено над 20 закони, никогаш во историјата толку закони за толку краток период не се изготвени

Министерството за правда во изминатите 18 месеци има донесено над 20 закони, доставено во владина процедура и уште неколку кои ги завршуваме и се готови. Никогаш во историјата на Министерството за правда толку закони за толку краток период не се изготвени, изјави министерот за правда Игор Филков, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Јована Тренчевска од СДСМ, зошто не се спроведува реформата во судството и кој ќе понесе одговорност за блокадата, Филков ја потсети дека била дел од владата која ги донела штетните измени на Кривичниот законик и ѝ порача дека „Кривичниот законик ќе биде донесен“ и оти „очекувам поддршка од Вас и за другите закони“

– Да напомнам законите се работени во јавен и транспарентен процес со организирање на јавни дебати. Не се носени ниту во висококатница во Дубаи, ниту на јахта на Халкидики и затоа ви ја разбирам нервозата и зачуденоста. Дури три клучни закони, меѓу кои Законот за судски совет, Законот за Советот за јавни обвинители и Законот за јавно обвинителство беа доставени до Венецијанската комисија од каде што се добиени пофалби. Овој начин на работа ќе продолжи во Министерството за правда и повеќе закони во интерес на фамилии и поединци никој пат нема да бидат донесени. Исклучиво ќе се работи транспарентно во интерес на граѓаните. И, да не се секирате Кривичниот законик ќе биде донесен и очекувам поддршка од Вас и за другите закони, порача Филков.

За Законот за парнична постапка, Филков рече дека „ако беше добар ќе го донесовте“ и посочи дека морал да се доработува и оти повторно е пуштен во владина процедура.

Во однос на АКМИС системот, Филков рече дека „треба да се расчистат неколку дилеми во однос на неговото користење“, нагласувајќи дека е донесен за правично и автоматско распределување на предметите.

– Неколку бројки и факти за изминатите години, затоа што Министерството за правда во изминатите 18 месеци има извршено две контроли, нешто што во изминатите години никогаш не било случај во Македонија, нагласи Филков.

Во последните пет години, продолжи Филков, во пензија се заминати вкупно 154 судии, а активни се 294, од 456 систематизирани места.

– Слушајте внимателно. Во 2020 година заминати се седум судии, во 2021 година осум, во 2022 фантастични 64, во 2023 пензионирани се 43 судии, во 2024 се 25 и во 2025 седум судии. Да ве прашам, кога зборувате за судство, мислите на ова судство што Вие ги пензиониравте во изминатите години додека бевте на власт. Намерно или случајно, се овие бројки, изјави Филков, посочувајќи дека во последните пет години вкупно 53 јавни обвинители се заминати во пензија.

Тренчевска рече дека не е задоволна од одговорот на прашањето, посочувајќи дека очекувала одговори, а не изговори, бидејќи имаме како што нагласи „имаме најлош извештај досега“.

-Законите требаше да бидат до јуни, сега сме 18 ноември. Кога ќе ги донесеме? 12 закони треба да бидат донесени од вашиот ресор. Овде во Собранието, да бидат доставени, па ние овде да организираме јавни расправи, да дискутираме и дебатираме затоа што се многу важни закони. Ако законите се добри, верувајте пратеничката група на СДСМ и Коалицијата ќе ги поддржи, но да ги видиме прво. За вистинските реформи, државата да оди напред тука сме да поддржиме, меѓутоа тука сме и да критикуваме затоа што Вие во изминатите година и седум месеци ништо не направивте, рече Тренчевска. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4