Connect with us

Вести

Костадиновски нов претседавач на Балканскиот форум на уставни судови, најавен форум во Скопје во 2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија од денеска, во наредната година ќе претседава со Балканскиот форум на уставни судови (BCCF) и ќе биде домаќин на 4. Форум кој ќе се одржи во земјава, на 12 и 13 ноември 2026 година. Претседателот на Уставниот суд  Дарко Костадиновски и официјално го презеде претседателството на 3. Годишен состанок на Балканскиот форум, кој се одржа во Анталија, Република Турција. 

Костадиновски, како што соопштија од Уставниот суд, ќе го претставува Форумот на регионални и меѓународни собири и конференции во текот на следната година.

-На специјалната сесија посветена на клучните прашања поврзани со статусот на Балканскиот форум на уставни судови, претседателот Костадиновски ги информираше останатите судови-членки дека на 4. Форум кој ќе се одржи следната година во Република Северна Македонија како почесен гостин ќе присуствува претседателот на австрискиот Уставен суд, Кристоф Грабенвартен, а поканети ќе бидат специјални гости од Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права, претставници од судовите од Египет, Шпанија, Азербејџан, се наведува во соопштението.

Од Уставниот суд информираат дека на оваа одлука претходело усвојување на Статутот и на Анталиската Декларација на Форумот со која членовите се обврзаа на заложбите со кои ќе се обезбедат принципите на владеењето на правото, демократијата и промоција и почитување на човековите права во балканските земји. 

-Со овие два значајни документа судовите-членови на Балканскиот форум на уставни судови го потврдија постоењето на BCCF како постојано тело и независна судска платформа за значајни уставни јурисдикции помеѓу земјите на Балканскиот регион, како и потребата од усвојување на посебен Статут со кој е дефинирана организационата структура на Форумот, се посочува во соопштението. 

Сесијата посветена на BCCF се одржа во рамки на 3. Годишна конференција на којашто се обрати претседателот на Уставниот суд, Костадиновски. Во неговото обраќање се осврна на „Стандардизација на човековите права и улогата на уставната правда”.  

Балканскиот форум на уставни судови беше формиран во октомври 2023 година на иницијатива на Уставниот суд на Република Северна Македонија и Уставниот суд на Република Бугарија. На првиот Годишен состанок претседателите на уставните судови на Република Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора и Туркије потпишаа Меморандум за разбирање и основање на Форумот.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3