Здравје
Револуционерни наоди: Матични клетки создадени од крвта на пациентот

Научници од Универзитетот во Кембриџ создадоа кластери коишто произведуваат матични клетки од човечка крв во лабораторија. Ова откритие, според претпоставките, би можело да го замени дарувањето крв при лекувањето луѓе болни од леукемија и лимфом, објави „Сајенс-алерт“ (ScienceAlert).
Тимот од Кембриџ, кој стои зад овој иновативен процес, ги нарекува овие мали фабрики за крв – „хематоиди“. Докажано е дека тие се развиваат во црвени и бели крвни клетки, исто како матичните клетки од крв од папочна врвца. Овие структури, создадени од човечки матични клетки, личат на ембриони, но немаат клучни ткива како што се жолчката и плацентата, кои се неопходни за таклвиот развој. Како и вистинските ембриони, хематоидите развиваат срцеви клетки до осмиот ден, коишто ја почнуваат циркулацијата на течноста и почнуваат да произведуваат крв по само две недели инкубација. Истражувањето е објавено во списанието „Сел репортс“ (Cell Reports).
– Беше возбудлив миг кога крваво-црвената боја се појави во садот – беше видлива дури и со голо око. Откритието дава ново светло околу тоа како крвните клетки природно се обликуваат за време на човечката ембриогенеза, нудејќи потенцијални медицински достигнувања за тестирање лекови, проучување на раниот развој на крвта и имунолошкиот систем, и моделирање на крвни нарушувања како што е леукемијата, рече биологот Џитеш Неупане од Кембриџ.
Иако истражувањето е сè уште на својот почеток, научниците полагаат големи надежи за натамошниот развој на ова откритие. Иако сè уште е во раните фази, можноста за производство на човечки крвни клетки во лабораторија означува значаен чекор за идните терапии, смета д-р Азим Сурани. Тие ги користат токму клетките на пациентот за обновување на оштетените ткива.
октомври 22, 2025