Вести
Бешлиоска: Медицинските сестри да бидат таму каде се носат здравствените политики

Медицинските сестри да си го добијат регулаторното тело во Министерството за здравство, дефинитивно да бидат таму каде се носат политиките, одлуките и одредбите. Имплементацијата во здравствените политики е неопходна. Ние нема да се задоволиме во овој момент со тоа што добивме можност да бидеме дел од комисиите и да бидеме дел во процесот, изјави денеска претседателката на Унијата на здруженијата на медицинските сестри, акушерки, стоматолошки сестри предводени од Здружението „За нас“, Гордана Бешлиоска.
Таа посочи дека има примери како тоа веднаш да се уреди и со надополнување и измени на Законот за здравствена заштита може веднаш да се донесе таква одлука.
Регулаторното тело на медицинските сестри, посочи таа, може да биде и национален совет кој ќе го формираме со претставници од сите здруженија на медицинските сестри.
– Нема да застанеме со нашите побарувања. Освен поддршката од пациентите и здруженијата, ја имаме и меѓународната поддршка од сите меѓународни асоцијации и федерации на медицинските сестри. Во овој момент најважно е структурирањето на медицинските сестри да се остварува преку наш претставник во Министерството за здравство. Ние мора да го добиеме нашето место во носењето на здравствените политики во Министерството. Ова е моментот од кој нема да се откажеме. Добивме голема индивидуална поддршка од лекарите, но затајува поддршката од Лекарската комора, рече Бешлиоска.
Таа појасни дека доколку има поместување, ако добијат советничко место и ако го добијат Регулаторното тело ќе го формираат Националниот совет.
– Ќе имаме средба со пациентите и идната недела ќе направиме Национален совет во кој ќе бидат сите здруженија на медицински сестри од Македонија и ќе го испорачаме на министерот за здравство. Националниот совет ќе биде организатор на меѓународниот национален самит на медицинските сестри од регионот и од Европа, а го очекуваме и претседателот на Европската асоцијација на специјализирани медицински сестри (ЕСНО). Ако со сето ова не успееме тогаш ние нема да ги оставиме пациентите. Дел од сестрите кои ќе мора да останат, ќе останат во болниците за пациентите, а сите други ќе бидеме на улиците, додаде Бешлиоска.
октомври 14, 2025