Вести
Родителите на починатите во „Пулс“ ги започнаа блокадите на сообраќајот

Со блокирање на собраќајот на кружниот тек кај двојниот мост во Кочани што траеше еден час, од 15: 15 до 16: 15 часот, родителите на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ ги започнаа најавените блокади.
Тие остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат се додека не почне судењето. Поради изјавите на дел од адвокатите на обвинетите дека судскиот процес може да трае и до 15 години, сметаат дека се подготвува јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот.
Претходно, ги повикаа судиите од Кривичниот суд да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот и обвинетите да седнат на обвинителна клупа.
– Нашето трпение е веќе при крај, се потешко и секој ден се повеќе стрес и виктимизација на жртвите, нашите деца ги убиваат повторно и повторно со нивните изјави на обвинети, на крај ќе излезе дека ние родителите и нашите деца сме виновни, рече Светлана Стојанова, мајка на починатиот Андреј од Оризари.
Блокадите на кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“ продолжуваат и утре, најавија родителите на починатите во дискотеката „Пулс“.
октомври 12, 2025