Connect with us

Филм

Објавени петте кандидати за европската филмска награда на публиката „ЛУКС“ за 2026 година

Филмовите „Кристи“, „Глуви“, „Беше само несреќа“, „Сакај ме нежно“ и „Сентиментална вредност“ се петте кандидати за европската награда на публиката ЛУКС за 2026 година. 

На презентацијата на номинираните филмови во Стразбур, потпретседателката на Европскиот парламент, Сабине Верхајен истакна дека овогодишните кандидати за ЛУКС ја одразуваат различноста на европското општество, со сите неговите различни структури, тензии и борби. 

– Избраните филмови не трогнаа со моќни, длабоко човечки приказни и силни емоции. Заедно, тие сведочат за потребата од робустен културен буџет, како клучен инструмент за градење посилни, поинклузивни и пофер демократии, рече Верхајен на презентацијата на која присуствуваше и претседателката на Комитетот за култура и образование на ЕП, Нела Рил. 

Според Верхајен, наградата ЛУКС веќе 18 години придонесува за презентација на делата на најталентираните филмски режисери од Европа пред публиката низ целиот континент. 

– Таа покажува дека кога постои политичка волја, Европскиот парламент може да ги допре срцата и умовите на граѓаните не само преку законодавството, туку и преку културата, рече Верхајен. 

Потпретседателката на ЕП информира дека сите пет номинирани филмови оваа година ќе бидат бесплатно титлувани на сите 24 официјални јазици на ЕУ и ќе бидат прилагодени и за глувите и наглувите лица.  

– Оваа одлука е значајна. Прво, затоа што ја стимулира меѓународната дистрибуција и олеснува овие приказни да патуваат преку границите и да допрат до што е можно поширока публика, и второ, и поважно, затоа што е овозможува подобра инклузивност на нашиот филмски сектор, додаде Верхајен. 

Филмот „Кристи“ на режисерот Брендан Канти е приказна на 17-годишно момче од Ирска, кое е избркано од дом за згрижување и принудено да живее со својот отуѓен постар полубрат. Но, и покрај потенцијално негативното влијание на неговото семејство, 17-годишниот Кристи стекнува пријатели и одново се поврзува со своите корени. Обидувајќи се да обезбедат подобра иднина, Кристи и брат му се соочуваат со тешки одлуки што ги доведуваат во прашање нивните кревки односи. 

„Глува“ на шпанската режисерка Ева Либертад говори за Анхела, глува жена која очекува дете. Нејзините стравови поради мајчинството и поради неспособноста да комуницира со својата ќерка се зголемуваат додека се соочува со реалноста на одгледување бебе во свет кој не е прилагоден на нејзините потреби. 

„Беше само несреќа“ на добитникот на наградата „Сахаров“ во 2012 година Џафар Панахи, ја прикажува политичката репресија во Иран преку приказната за ноќен возач кој убива куче. Бегајќи, тој оди во една гаража каде среќава човек кој верува дека возачот всушност е затворскиот чувар кој го мачел… Филмот е снимен без официјална дозвола на иранските власти. 

Филмот „Сакај ме нежно“ на француската режисерка Ана Казенав Камбе претставува адаптација на книгата на Констанс Дебре за 40-годишна жена која го губи старателството над својот син, откако му признава на својот поранешен сопруг дека има романтични врски со жени. Овој факт се користи против неа на суд, што го наведува судијата да му додели целосно старателство на таткото. Филмот се фокусира на борбата на жената да остане мајка и слободна жена. 

„Сентиментална вредност“ на режисерот Јоаким Трир, кој е на англиски, норвешки и шведски јазик, дава приказ на сложеноста на семејната динамика. Филмот говори за две сестри кои повторно се поврзуваат со својот татко, некогаш познат режисер кој се обидува да сними „кам бек“ филм. Откако една од неговите ќерки одбива да глуми во филмот, тој улогата и ја дава на млада амбициозна холивудска актерка. Со доаѓањето на американската ѕвезда и онака комплицираните семејни односи добиваат дополнителен товар. 

Согласно правилата, кандидатите за наградата ЛУКС треба да учествувале, да биле наградени или да привлекле значително внимание на истакнат филмски фестивал, да се емитувале во кината во најмалку пет земји членки на ЕУ, нивната премиера да била во периодот од 1 јули претходната, до 31 мај оваа година, да илустрираат теми за разновидноста, европските вредности и за прашања што влијаат врз секојдневниот живот и иднината на Европа и да бидат достапни за широка и разновидна европска публика, вклучувајќи ги и младите. 

Филмовите треба да бидат продуцирани или копродуцирани во земји опфатени со програмата „Креативна Европа – Медиум“, чија членка е и Северна Македонија заедно со државите од ЕУ, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Ерменија, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Србија, Украина и Црна Гора. 

Изборот на кандидатите за наградата го врши Панел составен од филмски професионалци од различни земји членки на ЕУ. 

Петте номинирани филмови за наградата во наредниот период ќе бидат емитувани во кината низ цела ЕУ и ќе бидат оценувани од публиката и европратеници. Победникот ќе биде прогласен кон средината на април 2026 врз основа на гласовите на европратениците и на јавното гласање на гледачите по моделот 50-50. 

Платформата за гласање на граѓаните за избор на добитникот на наградата за 2026 година е отворена од денеска.