Connect with us

Вести

Странд: Се надевам нема да гледаме билатерални прашања коишто ќе го попречат процесот на проширување

Се надевам дека во иднина нема да сведочиме на премногу билатерални прашања кои ќе го забават процесот на проширување на ЕУ.

Финскиот министер за европски прашања, Јоаким Странд, денес на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, изјави: “Jа поттикнуваме Северна Македонија да оди напред кон отворање на првиот Кластер што е можно побрзо, како и да ги усвои уставните измени што беа договорени.”

Странд подвлече дека Финска ја охрабрува државата, како и другите земји од Западен Балкан, да ја искористи оваа можност и додаде дека вакви билатерални прашања кои го кочат процесот на пристапување нема да се повторат. Тој рече: “Оваа земја е во срцето на Европа и нејзиното место е во ЕУ. Сите земји си имаат историја. И сега можеме да најдеме стотина проблеми во земјите-членки на ЕУ, така што се надевам дека ова ќе се реши на позитивен начин и дека ќе може да продолжиме понатаму.”

Тој ја пофали земјата за постигнатиот прогрес во економскиот раст и реформската агенда, каде што, како што потенцираше, државата е лидер во обезбедувањето финансиски средства согласно Планот за раст на Западен Балкан. “Ја поттикнуваме Северна Македонија да продолжи да испорачува неопходни реформи особено од областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Би сакале да и се заблагодариме на Северна Македонија за своите добри резултати и за усогласувањето со надворешната и безбедносна политика на ЕУ во денешниот геополитички контекст, тоа е неверојатно многу вреднувано,” додаде Странд.

Финскиот министер нагласи дека во актуелната безбедносна ситуација во Европа, потребно е да го зајакнеме единството и уште поинтензивно да работиме на економска интеграција во Европа – обединета Европа. “Проширена Европска Унија ќе ја зајакне нашата безбедност и ќе ги направи нашите економии поотпорни и ќе им донесе просперитет на луѓето.”

На новинарско прашање за тоа што ќе се случи доколку работите на планот на ЕУ за државава не се поместат по Нова година, Странд одговори дека фактот што во моментов Албанија и Црна Гора напредуваат побрзо го гледа како позитивен момент за целиот Западен Балкан. “Ако продолжите да работите со амбицијата којашто ја имате и со резултатите што ги дава господинот Муртезани, немам кај мене загрженост дека ќе заостанете, дури мислам и дека ќе забрзате, и ќе се приближите до овие две земји,” рече Странд.

На прашањето за реформите, особено во делот на животната средина, Странд изјави дека има многу работи кои треба да се реализираат кога се разгледуваат различните кластери, области и сектори. “Но кога станува збор за животната средина ниту една земја нема да биде стопроценти подготвена кога ќе стане членка на ЕУ. Треба да има доволно напредок, но треба уште многу алатки да се воведат и нешта да се направат по членството што се поврзани со животната средина. Јас лично доѓам од земја којашто дава голем нагласок на зелените технологии, на транзицијата и на знам дека има многу компании во Финска кои се подготвени да помогнат да изработите решенија за управување со отпадот, управување со водите, енергетска ефикасност, балансирање на струјата, обновливи извори на енергија. Затоа мислам дека е убаво да направиме што е можно повеќе напредок а потоа кога ќе станете членка да работиме и понатаму,” одговори тој.

Странд истакна дека борбата против корупцијата и владеењето на правото се исклучително важни теми, но исто така треба да се нагласат и прашањата поврзани со животната средина, кои ќе бидат полесни за решавање како земја членка на ЕУ.

Министерот Муртезани, од своја страна, изрази искрена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Финска, оценувајќи дека таа останува меѓу најгласните поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија. Во оваа насока, министерот се осврна на реализираните твининг проекти со фински институции и на подготвеноста за нивно продлабочување во областа на јавната администрација, медиумите и дигиталната трансформација.