Connect with us

Вести

Потребна е континуирана кампања за подигнување на свеста за органодарителство

Неопходна е постојана владина кампања за јакнење на освестеноста на граѓаните за донирање органи, порачаа денес од Струга учесниците на третите интернационални средби на дијализирани и трансплантирани пациенти од Мрежата SEEN Transplant, во организација на здружението „Нефрон“.

Претседателот на „Нефрон“, Душко Ѓеоргиев истакна дека здружението спроведува кампања веќе 22 години, но дека тоа не е доволно. “Тој што сака да прими орган, треба да биде спремен и да даде. За тоа работиме и со стручната фела и со верските заедници, правиме напори тоа да биде секојдневно и луѓето уште во текот на својот живот да се изјаснат дека при евентуална мозочна смрт можат да бидат дарители”, рече Ѓоргиев.

Тој напомена дека е постигнат голем напредок во дијализата, но дека остануваат многу прашања кои треба да се решат. “Тоа се однесува пред се на трансплантацијата. Трансплантацијата од познат дарител оди тековно и таа се прави за неколку месеци, додека да се направат сите подготовки и типизации. Но, се уште имаме огромна работа во делот на кадаверичната трансплантација од починат дарител”, потенцираше Ѓоргиев.

Директорот на Клиниката за нефрологија – Скопје, Никола Ѓорѓиевски, укажа дека бројот на пациенти со хронична бубрежна болест изнесува околу два проценти од вкупното население, што е на исто рамниште во светски рамки. “Во однос на процесот на трансплантација ние треба да се согледуваме на другите европски држави каде што бројката на трансплантирани болни изнесува околу 30 до 40 отсто од вкупните пациенти, кои побаруваат замастителна терапија. За жал во Македонија бројката е 13 – 14 проценти од вкупниот број болни”, рече Ѓорѓиевски. Според него, трансплантацијата е најдобриот и најквалитетниот начин на лекување на бубрежно болните пациенти.

Во Македонија, нагласи тој, од 90-тите години досега се направени над 500 трансплантации, како од жив донор така и од кадавер. “Апелот е да работиме на подигнување на свеста за донирање на органите, особено кај пациентите што се починати. Само така може да помогнеме како на пациентите, така и на државата, бидејќи трансплантацијата е најефтин метод на лекување на оваа група”, подвлече директорот на Клиниката за нефрологија.

Националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска, изјави дека од 1 октомври минатата година досега се направени четири кадаверични трансплантации, со повеќе органи. “Трансплантирани се осум бубрези, два црни дроба, за жал некои за срце беа одбиени поради медицински контраиндикации, а некои кои беа валидни за трансплантација, самите пациенти одбија. Направени се и околу 20 трансплантации на коски, лигаменти и коскени ткива, од кои некои и многу сложени”, нагласи Кузмановска.

Според неа, бројката не е доволна да ги задоволи потребите на пациентите, но за една мала земја како Македонија е за почит. Според податоците, во Македонија на дијализа има околу 1,400 пациенти, а листата на чекање за трансплантација брои до 160 пациенти.

На третите меѓународни средби на дијализирани и трансплантирани пациенти од Мрежата SEEN Transplant, кои од денеска до недела се одржуваат во Струга, учествуваат претставници од осум држави од Југоисточна Европа.