Connect with us

Хроника

Вработени во ЈСП фатени како крадат нафта во гаражите во Ѓорче Петров

Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) биле затекнати при кражба на поголемо количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој во објава на Фејсбук посочи дека внатрешната контрола на ЈСП вечерва ги затекнала вработените при кражбата, по што веднаш била повикана полицијата.

Ѓорѓиевски најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа и изрази очекување Обвинителството да отвори постапка, а секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот.

– Почитувани скопјани, токму за ова зборувам кога велам дека градот со години бил системски уништуван. Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома, вели Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека негова обврска е да ги штити парите на граѓаните и дека секој што ќе посегне по нив ќе биде санкциониран, без исклучок.

– Денес, за разлика од минатото, жестоко се постапува против криминалот. Само со удар во чело можеме да се избориме против корумпираните кои го уништуваат нашето и ваше Скопје, наведува градоначалникот.

Ad
Ad