Вести
Европската перспектива на Западен Балкан во фокусот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид
Европската перспектива на земјите од Западен Балкан, спроведувањето на неопходните реформи и јакнењето на регионалната соработка и добрососедските односи ќе бидат во фокусот на денешниот Самит на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Охрид.
Домаќин на самитот е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а коорганизатори се претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.
На Самитот ќе учествуваат вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, како и претседателите на Албанија и на Косово, Бајрам Бегај и Вјоса Османи.
Покрај европската интеграција и регионалната соработка, лидерите ќе разговараат и за актуелните европски и регионални предизвици, поврзувањето, прашањата за животната средина и создавањето подобри можности за вработување на младите.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива основана во 2013 година со цел да се поттикне интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и да се придонесе за стабилноста на регионот преку зајакнување на соработката и решавање на отворените прашања.
Последниот самит се одржа во октомври минатата година во Албанија, кога лидерите усвоија заедничка декларација во која истакнаа дека добрососедските односи, регионалната стабилност и помирувањето се темел на европската иднина на Западен Балкан.
Во декларацијата беше нагласена и важноста од заедничко соочување со современите безбедносни предизвици, сајбер-заканите и последиците од климатските промени.
Овогодишниот самит првично требаше да се одржи во мај на Бриони, но беше откажан од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, поради заострувањето на односите меѓу Белград и Загреб.
Причина за откажувањето беа изјавите на тогашниот српски претседател Александар Вучиќ за ракетните капацитети на Србија и неговите предупредувања за можни напади од Хрватска, Албанија или Косово.
Инаку, собирот во Охрид се одржува под засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај низ градот и околината, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците, објектите и локациите предвидени со протоколот за посетата.
Се спроведуваат мерки за обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот на трасите по кои ќе се движат возилата под придружба.
Посебно внимание е посветено на булеварот „Туристичка“ во Охрид, дел од автопатот Охрид-Кичево, централното градско подрачје во Струга, регионалниот пат Струга-Дебар, како и на други улици и сообраќајници каде што не е дозволено запирање и паркирање моторни возила.
Од полицијата апелираат до возачите да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен и своите возила да ги користат само во неопходни случаи во периодот на спроведување на мерките, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедност на сите учесници.
ноември 27, 2026


