Економија
Јавна расправа за Нацрт-стратегијата за туризам 2027-2032: Фокус на подолг престој на туристите и одржлив развој на сите региони
Зголемување на просечниот престој на туристите, развој на туристичката понуда во повеќе региони и во текот на целата година, како и подобра координација меѓу институциите, се клучните приоритети на Нацрт-националната стратегија за развој на туризмот 2027-2032, која беше презентирана денеска на јавна расправа во Музејот на македонската борба.
Презентирајќи ги главните наоди од анализите, проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, нагласи дека стратешкиот документ е изработен врз основа на теренски истражувања, работилници во сите осум плански региони и анкети спроведени меѓу домашни и странски туристи. Коруновски посочи дека стратегијата е поставена на четири столба: развој на конкурентни туристички производи и нивно подобро пласирање на пазарот, унапредување на квалитетот на туристичките дестинации, поддршка на вработените и туристичките бизниси, како и воспоставување поефикасен систем за управување со секторот.
– Имаме исклучителни ресурси, ама производите не ги следат ресурсите, односно квалитетот на туристичките производи мора да се подигне. Не само квалитетот, туку и нивната можност за продажба и резервација, тие да излезат на пазарот – рече Коруновски.
Тој нагласи дека иако земјата бележи раст на бројот на туристи, многу поважно е да се зголеми времето што тие го поминуваат во државата.
– Многу поважно е да имаме зголемување на престојот. Затоа мерките се насочени кон зголемување на просечниот престој, а не на бројот на туристи – истакна Коруновски.
Според него, еден од главните предизвици е тоа што туристичките движења се концентрирани во неколку дестинации, пред сѐ Охрид и Скопје, како и во еден дел од годината.
– Имаме ресурси насекаде, ама само Охрид и Скопје се посетени. Треба да го дисперзираме туризмот и временски, во повеќе сезони, и просторно, во многу повеќе места кои досега туристите не ги посетувале – рече Коруновски.
Тој потенцира дека стратегијата предвидува подобра координација меѓу институциите при планирањето на туристичкиот развој, вклучително и при отворањето нови авиолинии, кои според него треба да се темелат на анализи на туристичката побарувачка и потребите на пазарот.
– Оваа стратегија предвидува, врз основа на пазарни истражувања, до Министерството за транспорт да се предлага од каде има потреба од воспоставување нови авиолинии. Целта е да се воспостави поголема поврзаност и координација меѓу институциите, бидејќи туризмот е интердисциплинарна дејност која бара заедничко планирање и дејствување – рече Коруновски.
Тој додаде дека стратегијата предвидува постепено воведување нови модели за управување со туристичките дестинации преку пилот-проекти, наместо нивно наметнување без претходна проверка на терен.
– Планираме три типа туристички организации кои прво ќе се тестираат преку пилот-проекти во првите две години. Ќе се следат резултатите, ќе се анализира нивното функционирање и врз основа на тоа ќе се прават интервенции во наредниот акциски план. Не може со закон веднаш да се наметне решение за систем кој и онака функционира тешко. Затоа сакаме прво да ги тестираме моделите и преку нив да дојдеме до најдобрите решенија – истакна Коруновски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Коруновски оцени дека државата располага со доволно сместувачки капацитети за да го следи растот на туристичкиот промет.
– Да, имаме доволно сместувачки капацитети, затоа што нивото на искористеност на капацитетите. Ќе ви кажам само за Југоисточниот регион, искористеноста во сезона е 60 проценти, а годишно 20 проценти. На ниво на држава искористеноста на годишно ниво на кревет е 30 проценти. Значи, има простор. Би рекол тука, тоа не е приоритет, тоа не значи дека не треба да се развива. Тоа го прати производот, тоа е составен дел од производот. Меѓутоа, приоритети коишто мора да се решаваат се овие другите. Затоа што на ниту една од работилниците не беше поставено дека има проблем со сместувањето. Беа поставени овие други проблеми: квалитетот на дестинацијата, значи чистотата, хигиената, пристапот до дестинациите, врските меѓу дестинациите, но тука поставуваме и системски улоги – рече Коруновски.
На јавната расправа се обрати и министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, кој истакна дека туризмот во земјава бележи позитивни трендови, но дека идниот развој треба да биде насочен кон создавање поголема вредност за локалната економија и заедниците.
– Туризмот во нашата земја се развива и тоа е многу значајно за нас, а растот на бројот на посетители е охрабрувачки. Но, пред нас останува важна задача: посетителите да престојуваат подолго, да ја откриваат земјата во текот на целата година и да ги посетуваат сите наши региони. Затоа оваа стратегија не се фокусира само на бројот на туристи, туку и на вредноста што туризмот ја создава за посетителите, бизнисите и локалните заедници – рече Сулејмани.
Тој нагласи дека земјата располага со значајни природни и културни ресурси кои треба да се зачуваат и одржливо да се користат.
– Нашата земја има богато природно и културно наследство, разновидна гастрономија и гостопримливи луѓе. Тоа се големи предности, но и ресурси што треба одговорно да ги чуваме. Туризмот треба да придонесува за нивна заштита и да создава можности за развој во сите региони. Нејзиното спроведување ќе бара координација и посветеност од сите нас. Туризмот не може да го развива само едно министерство, потребна е соработка меѓу институциите, локалната самоуправа и приватниот сектор – порача министерот Сулејмани.
Амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер оцени дека новата стратегија е важен чекор за развој на конкурентен и одржлив туристички сектор.
– Швајцарија повеќе од една деценија го поддржува развојот на туризмот во Северна Македонија. Преку Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ и Швајцарската програма за промоција на извозот (SIPPO) соработувавме со јавните институции, бизнис-заедницата и други партнери и заедно придонесовме за зајакнување на управувањето со туристичките дестинации, унапредување на туристичките производи и услуги и отворање пристап до нови меѓународни пазари. Ова долгогодишно искуство ни потврди една клучна лекција: туризмот бара сеопфатен и одржлив пристап – рече Зомер.
Тој посочи дека економскиот раст и одржливоста мора да одат заедно.
– Искуството на Швајцарија покажува дека зголемувањето на бројот на посетители може да создаде нови работни места и економски можности, вклучително и во пооддалечените региони. Но таквиот раст мора да оди рака под рака со квалитетна туристичка понуда, заштита на природното и културното наследство и конкретни придобивки за локалните заедници и бизниси. Економскиот развој и одржливоста не се спротивставени цели. Во туризмот тие се меѓусебно зависни и се надополнуваат – истакна Зомер.
Амбасадорот најави дека Швајцарија ќе остане партнер во спроведувањето на Националната стратегија за туризам преку продолжување на поддршката на програмата ИМЕ и преку активности насочени кон подобра координација во секторот, развој на интегриран е-туристички систем и јакнење на институционалните капацитети.
Јавната расправа претставува завршна фаза од консултативниот процес за подготовка на Националната стратегија за развој на туризмот 2027-2032, во која се вклучени институциите, општините, туристичкиот сектор, академската заедница и граѓанските организации. Стратегијата има за цел да придонесе кон развој на конкурентна и одржлива туристичка дестинација, со поквалитетна туристичка понуда во текот на целата година и поголеми придобивки за локалните заедници во сите региони.
Во текот на април Министерството за култура и туризам формираше работна група составена од професорите истражувачи од областа на туризмот кои го водеа целиот процес, претставници на соодветните државни институции и меѓународни партнери од швајцарскиот проект ИМЕ и Светска банка. Биле организирани осум регионални работилници, по една во секој плански регион со цел да се идентификуваат реалните состојби, потенцијали, предизвици и можности за развој на туризмот на локално и на регионално ниво. Паралелно биле спроведени истражувања помеѓу домашните и странските туристи, се одржаа и неколку јавни расправи на кои биле презентирани методолошкиот пристап и наодите од истражувањето, а стратешката рамка на стратегијата за туризмот беше претставена и пред Советот за туризам при Министерството за култура и туризам.
ноември 26, 2026


