Connect with us

Регион

Криминални групи во Грција издавале фиктивни сметки за сместување полицајци, војници, државни службеници – нанесена штета од над 12,6 милиони евра

За одреден паричен надомест, две криминални групи во Грција обезбедувале фиктивни сметки за сместување полицајци, припадници на крајбрежната и противпожарната служба, војници и други државни службеници кои поради службени обврски биле испраќани надвор од местото на работа а трошоците ги покривала државата. Нанесената штета надминува 12,6 милиони евра, а во врска со случајот уапсени се 21 лице – јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за заштита на граѓаните на Грција соопштија дека меѓу уапсените се четворица полицајци, еден припадник на крајбрежната служба и двајца припадници на вооружените сили, а во предметот се опфатени уште 16 членови на организациите, како и 1.309 лица од полицијата, противпожарната и крајбрежната служба, војската и државни службеници, кои ги користеле конкретните фиктивни сметки.

Двете криминални групи, кои дејствувале независно една од друга, биле откриени по пријави дека полицајци кои биле преместувани од внатрешноста на земјата во Атина и Солун, со цел да добијат надомест за службеното патување, доставувале фиктивни хотелски сметки.

Членовите на групите основале и управувале со компании преку кои изнајмувале недвижности во различни делови на Грција, што ги користеле како фиктивни сместувачки капацитети и преку нив издавале сметки за сместување, за одреден надомест, на заинтересирани службеници кои биле на службени патувања.

Потоа службениците ги доставувале овие фактури до нивните институции за да добијат надомест за ноќевање, иако во реалноста воопшто не престојувале во наведените објекти.

На сметките бил запишуван максималниот дозволен износ на надомест за едно ноќевање, во зависност од регионот и периодот на службеното патување, а дури и во ретките случаи кога навистина имало сместување, износот наведен на сметката бил значително повисок од реалниот износ што била платен.

– Индикативно за обемот на дејствувањето на групите говори фактот што преку компаниите на првата криминална група биле изнајмени над 173 станови во различни делови на земјата. Некои од овие објекти немале дури ни електрична енергија или водоснабдување. Карактеристичен е случајот со објект од само 44 квадратни метри, во кој, според издадените документи, истовремено биле пријавени дека престојуваат дури 23 лица – соопштија од надлежното грчко министерство.

Од досегашната истрага произлегло дека најмалку 1.309 полицајци, припадници на крајбрежната и противпожарната служба, војници и други државни службеници ги употребиле конкретните фактури, предизвикувајќи вкупна штета за државата од најмалку 12.674.600 евра.

Координираната полициска акција била спроведена на 24 ноември во Атика, поширокиот регион на Јанина и на Лезбос, биле уапсени вкупно 17 членови на криминалните групи, меѓу кои и двајцата главни организатори, како и еден полицаец, еден војник и еден припадник на крајбрежната служба, а подоцна биле уапсени уште тројца полицајци и еден припадник во воената морнарица.

Ad
Ad