Вести
Мицкоски: Владата подготвува ново дигитално решение за студентскиот оброк со дополнителни придобивки
Студентскиот оброк ќе биде зголемен, а Владата работи на иновативно дигитално решение преку апликацијата е-Услуги, кое, покрај зголемувањето на средствата за оброк, ќе им овозможи на студентите и дополнителни привилегии, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемувањето на студентскиот оброк, Мицкоски посочи дека концептот на Владата е поширок од самото зголемување на средствата што студентите ги добиваат за оброк и дека целта е значително подобрување на студентскиот стандард.
– Третата мерка, а тоа е оброкот којшто е многу популарен, гледам некои од политичките партии жестоко го злоупотребуваат, што не би требало така да биде, но како и да е, тоа останува на нивната чест и совест, но она коешто ние како Влада сакаме да го постигнеме е во голема мерка да го подобриме стандардот на студентите. Сега зборувам за студентскиот стандард и студентскиот оброк – рече Мицкоски.
Премиерот појасни дека Владата сака да го реши прашањето на поинаков и иновативен начин, преку апликацијата е-Услуги. Според најавата, студентите не само што ќе добијат зголемување на сумата што ќе ја користат за обезбедување на оброкот, туку преку апликацијата ќе можат да добиваат и други привилегии што досега не им биле достапни.
– Ние цениме дека на овој начин драматично ќе го олесниме студирањето и ќе го подобриме студентскиот стандард. Работиме на апликацијата, работиме со колегите од Генералниот секретаријат, од министерствата за дигитална трансформација, за образование и наука и финансии и очекувам многу скоро да излеземе со ова иновативно дигитално решение коешто го нема во Европа. Ниту една држава во Европа нема ваков тип решение коешто ќе го имаат македонските студенти – изјави Мицкоски.
На прашањето за колку приближно ќе биде зголемен студентскиот оброк, Мицкоски рече дека во моментов се работи на решението и дека информацијата ќе биде соопштена наскоро.
-Работиме во моментот и многу скоро ќе излеземе со информација, затоа што ова решение коешто ние го нудиме е иновативно и досега ниту една држава не го имплементирала, затоа што ги надминува границите на студентскиот оброк и опфаќа многу поширока лепеза на придобивки – посочи премиерот.
Тој нагласи дека во изминатиот период Владата значително ги зголемила средствата што ги издвојува за студентскиот стандард, посочувајќи ги и инвестициите во студентските домови.
Како што наведе, еден студентски дом, кој, според него, во минатото многупати бил ветуван, е завршен и пуштен во употреба, додека уште еден треба да биде пуштен до крајот на оваа година, евентуално на почетокот на следната година. Дополнително, нагласи, започнува реконструкцијата на неколку други ученички и студентски домови, за што Владата ќе обезбеди средства во висина од околу 50 милиони евра.
Мицкоски ги посочи и грантовите за самовработување на лица до 29 години, како и електронските уреди што ги обезбедила Владата, како дел од мерките насочени кон подобрување на условите за младите и студентите.
ноември 23, 2026


