Скопје
Ѓорѓиевски: 80 години ЈУ Детски дом „11 Октомври“, 80 години љубов и грижа за децата без родители
Со осум децении посветена работа и грижа за децата без родители и родителска грижа, Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ одбележа значаен јубилеј. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски им оддаде признание на генерациите воспитувачи и стручни работници кои низ годините им обезбедувале грижа, сигурност и поддршка на децата.
„Секое дете заслужува да расте со чувство дека припаѓа. Да има кому да му се довери кога нешто го мачи, кого прво да го израдува со добра вест и кој да му каже „Верувам во тебе“ токму кога му е најпотребно. На сите што низ годините сте биле таа поддршка за децата, од срце ви благодарам“, истакна тој.
Како градоначалник на Скопје, Ѓорѓиевски нагласи дека останува посветен на тоа овие деца да ги имаат истите можности како и нивните врсници – да учат, да спортуваат, да го откријат својот талент и со самодоверба да зачекорат во самостоен живот.
„Наша одговорност е да им бидеме потпора и додека растат и кога ќе дојде време сами да го изберат својот пат“, порача градоначалникот.
ноември 23, 2026


