Скопје
Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, каратистот Белистојаноски најдобар спортист
Сојузот на спортови на Скопје, по повод ослободувањето на градот, ја организираше 57. свеченост за доделување на наградите „13 Ноември“ на спортисти, тренери, спортски работници и организации, кои изминатата година постигнаа забележителни резултати и придонесоа за развој и унапредување на македонскиот спорт во различни категории.
На свеченоста што денес се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје беа доделени девет награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Извршниот одбор на Сојузот.
За најдобар спортист е прогласен каратистот Матеј Белистојаноски. Тој годинава има освоено прво место во Серија А во Тбилиси, златен медал на Европско првенство до 21 година во Лимасол, златен медал на Медитеранските игри во Таранто.
Наградата за Животно дело отиде кај Марин Докузовски – кошаркарски тренер и најуспешен селектор на македонската репрезентација со која освои 4. место на ЕП во Литванија во 2011 година.
Александар Кузманоски од карате клубот Олимпик Скопје и селектор на македонската карате репрезентација во борби е прогласен за најдобар тренер.
Наградите добија и:
Дејан Боневски – Професор по физичко образование и спорт во ООУ Наум Наумовски Борче.
Силвана Карбеска и Марија Илиева – Ракометна судиска двојка која освен на домашните, ја дели правдата и на големи меѓународни натпреварувања.
Сашо Кузмановски – Спортски новинар со богата спортска кариера, веќе 25 години е програмски уредник на „Спортско радио 90,3“.
Ирена Митровска – Претседател на Федерација за дигање тегови и секретар на Кик Бокс федерацијата.
Спелеонуркачки клуб ВРЕЛО – Во периодот 11 -17 октомври експедицијата на ВРЕЛО постави неколку нови светски рекорди: најдлабока пештера во светот која ја има истражено човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко нуркање на отворени води. Во експедицијата учествуваа 15 члена од Македонија, Полска и Италија.
Наградите „13 Ноември“ се доделуваат од 1970 година.
ноември 12, 2026


