Култура
Изложба и концерт во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб
Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб е отворена изложбата „Флуктуација“ на уметникот Филип Перески и се одржа концерт „Звучен пат“ на младите музички уметници Симеон Гошев и Анастасија Гичевска.
Како што соопшти КИЦ Загреб, пред голем број вљубеници во уметноста, на настанот се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.
Во своето обраќање, амбасадорот Ѓурчевски ја нагласи важноста на културната соработка како значаен придонес во негувањето на пријателските односи меѓу двете земји.
Притоа, истакна дека преку културните настани и претставувањето на уметничките достигнувања се отвораат нови можности за меѓусебно запознавање, размена и афирмација на културните вредности на двете држави, соопшти КИЦ.
Осврнувајќи се на изложбата „Флуктуација“, директорката Ѓоргоска-Илиевска истакна дека авторот Перески ја истражува линијата како основен визуелен елемент, но и како носител на енергија, движење и емоција.
Фото: Македонски Културно-информативен центар во Загреб
Во неговото творештво линијата не е само форма, туку динамичен процес, постојана промена и визуелен запис на времето и просторот. Преку експериментирањето со ритамот, текстурата, контрастот и слоевитоста, авторот создава композиции што ја надминуваат статичноста на површината и го повикуваат гледачот на сопствено доживување и интерпретација. Изложбата е уште едно претставување на современата македонска ликовна сцена пред хрватската публика и потврда на заложбите на македонскиот КИЦ за промоција на актуелните уметнички идеи и творечки истражувања, посочи директорката на нашиот КИЦ во Загреб.
Музичкиот дел од вечерта продолжи со концертот „Звучен пат“, на кој настапија виолинистот Симеон Гошев и пијанистката Анастасија Гичевска. Програмата опфати дела од Сезар Франк, Хенрик Вијењавски и македонскиот композитор Томислав Зографски, „нудејќи музичка средба на различни стилски изрази и уметнички традиции“.
Со својата изведба, наведува КИЦ во соопштението, двајцата уметници пред публиката ја претставија музичката зрелост и интерпретативниот потенцијал на младата македонска музичка сцена.
Со реализацијата на изложбата „Флуктуација“ и концертот „Звучен пат“, македонскиот КИЦ во Загреб уште еднаш ја потврдува својата определба за континуирано и современо претставување на македонската културна сцена во Хрватска. Преку изложби, концерти, книжевни, филмски и други културни програми, КИЦ отвора простор за македонските уметници да бидат присутни пред хрватската публика, но и за воспоставување нови професионални контакти, културни партнерства и можности за меѓународна соработка. Преку својата програмска концепција, македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да ја исполнува својата улога како значаен промотор на македонското културно творештво и активен чинител во развивањето на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска, информира КИЦ Загреб за новиот настан, реализиран во рамки на неговата годишна програма, со поддршка на Министерството за култура и туризам.
ноември 12, 2026


