Сцена
Боб Дилан се сретна со поглаварот на римокатоличката црква, папата Лав XIV
Американскиот кантавтор Боб Дилан денеска се сретна со својот земјак, папата Лав XIV, во Ватикан, за време на паузата меѓу двата концерта што ги одржува во Италија.
Ватикан соопшти дека средбата била кратка. Папата Лав XIV му подарил на Дилан бројаница, додека славниот музичар на поглаварот на Римокатоличката црква му подарил примерок од својата автобиографија“ „Хроники: Прв том“ („Chronicles: Volume One)
Папата Лав XIV во својата книга „Разоружани и разоружување: Мирот е дар“ („Disarmed and Disarming: Peace Is a Gift“), објавена годинава, цитира стихови од протестната песна на Дилан „Оди си, бомбо“ („Go Away You Bomb“) која познатиот рок пејач и кантавтор ја напишал во 1963 година, но никогаш досега не била официјално објавена.
Папата во книгата укажува на ризиците од повторното засилување на глобалната трка во вооружување и сè поголемата закана од употребата на нуклеарно оружје, повикувајќи се на стиховите од Дилан упатени кон замислена атомска бомба: „Те мразам, затоа што те создал човекот, човекот те поседува и човекот управува со тебе“.
Во придружба на пејачот биле и двајца претставници на Ватикан, свештеникот Антонио Спадаро, задолжен за култура во Ватикан, кој во јули минатата година ја придружуваше и рок поетесата Пети Смит за време на нејзината посета на папата Лав XIV, како и Андреа Монда, уредник на ватиканскиот весник „L’Osservatore Romano“.
Спадаро изјави дека Дилан изразил желба да разговара со папата, по што двајцата имале краток разговор насамо, во траење од неколку минути.
– Роберт Превост, односно папата Лав XIV, и пред да биде прогласен за поглавар на Католичката црква, бил близок со пејачот, откри тој за ватиканскиот весник, истакнувајќи дека Дилан особено го цени Свети Августин кој има значајно место во духовноста на папата и во августинскиот верски ред. Во негова чест тој ја напишал и песната „Сонував дека го видов свети Августин“ (I Dreamed I Saw St. Augustine), објавена во албумот „John Wesley Harding“, од 1967 година, додал Спадаро.
На средбата со папата легендарниот музичар носел качулка, а на фотографиите објавени од Ватикан е прикажан сопокриена глава со качулката. Ова не е прва средба на Дилан со поглавар на Римокатоличката црква. Во 1997 година тој настапи пред папата Јован Павле II, во Болоња.
Боб Дилан, чие вистинско име е Роберт Ален Цимерман, е роден во Минесота, во еврејско семејство, а во 1979 година, по период исполнет со голем публицитет, премина во христијанството, при што предизвика поделени реакции од обожавателите, кои, дел од нив се оддалечија од него поради песните со христијанска тематика, меѓу кои и големиот хит „Некому мораш да му служиш“, (Gotta Serve Somebody), како и песната „Спасен“ („Saved“).
Дилан е добитник и на Нобеловата награда за литература за 2016 година.
ноември 5, 2026


