Свет
ОН: Богатите земји не издвојуваат доволно средства за помош на сиромашните во справувањето со климатските промени
Богатите земји не издвојуваат доволно средства за помош на сиромашните држави кои се соочуваат со бројни проблеми предизвикани од климатските промени, се наведува во денеска објавениот извештај на Обединетите нации (ОН).
Финансирањето од развиените држави е зголемено за една милијарда долари и достигна 28,2 милијарди долари во 2024 година, но таа сума е значително помала од предвидените 305 милијарди долари годишно, колку што им се потребни на земјите во развој за да се приспособат на климатските промени.
На следната рунда преговори за климата, што ќе се одржи во Турција од 9 до 20 ноември, преговарачите ќе анализираат зошто земјите избегнуваат да го исполнат договорот постигнат на 29. Конференција на ОН за климатски промени (КОП29) во Баку, со кој се обврзаа да обезбедуваат 300 милијарди долари годишно за помош на државите со поскромни можности.
Од ОН наведуваат дека, со оглед на прогнозите дека глобалните температури во следните неколку години ќе го надминат критичниот праг од 1,5 Целзиусови степени, земјите мора да ги забрзаат напорите за приспособување преку обновување на екосистемите и зајакнување на инфраструктурата. Извршната директорка на Програмата на ОН за животна средина оцени дека светот не е подготвен да се приспособи ниту на сегашните климатски услови, а уште помалку на последиците од надминувањето на границата од 1,5 степени.
Во извештајот исто така се истакнува дека договорот постигнат на минатогодишните преговори за климата во Бразил — за тројно зголемување на финансирањето за приспособување на земјите во развој до 120 милијарди долари годишно до 2035 година — и натаму би оставил финансиски јаз од повеќе од две третини.
„Се очекува потребите за финансирање на приспособувањето во земјите во развој до 2035 година да достигнат 420 милијарди долари годишно“, се наведува во извештајот.
И покрај тоа, во документот се забележува дека финансиските средства насочени преку развојните банки и меѓу самите земји во развој се удвоиле, достигнувајќи 9,6 милијарди долари во 2024 година, во споредба со 3,8 милијарди долари во 2019 година.
ноември 5, 2026


