Connect with us

Свет

АфД: Војната во Иран е главна причина за поразот на републиканците на меѓуизборите во САД

Поразот на Републиканската партија на изборите за Конгресот на САД во голема мера се должи на надворешната политика на претседателот Доналд Трамп и војната во Иран – оцени копретседателката на германската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа забележа дека не е невообичаено партијата на актуелниот претседател да загуби на изборите на средината од мандатот, но истакна дека овојпат размерите на поразот се забележителни.

– Сепак, размерите на поразот на републиканците се забележителни и можат пред сè да се објаснат со катастрофалните последици од војната во Иран. Трамп им вети на гласачите дека нема да води интервенционистичка надворешна политика. Ова прекршено ветување сега им се врати како бумеранг на републиканците – изјави Вајдел, додавајќи дека во интерес на Германија и на Европа е што поскоро да завршат и војната во Иран и војната во Украина.

Со сличен став излезе и копретседателот на АфД, Тино Хрупала, кој за германската новинска агенција ДПА изјави дека американските гласачи во 2024 година, кога повторно го избраа Трамп за претседател, се определија за мир и социјална сигурност.

– Но, војните доведуваат до високи трошоци за живот и човечки жртви на сите страни. На меѓуизборите американските граѓани побараа политика на мир, за животот да стане побезбеден и подостапен – рече Хрупала.

Од друга страна, портпаролот за надворешна политика на пратеничката група на АфД, Маркус Фронмајер, ги истакна заедничките ставови на неговата партија и на републиканците на Трамп, посочувајќи дека двете страни се залагаат за „обнова на Западот како заедница на суверени нации, зачувување на националниот и културниот идентитет и потиснување на идеолошката доминација на левицата“.

Фронмајер оцени дека губењето на републиканските мнозинства во Конгресот претставува назадување за нивните политички партнери, но нагласи дека последиците за Германија ќе бидат ограничени, бидејќи Доналд Трамп како претседател и понатаму останува главниот авторитет кога станува збор за насоката на надворешната политика на САД

Ad
Ad