Connect with us

Свет

ЕУ и Индонезија ги усогласија текстовите на договорите за слободна трговија

Европската Унија и Индонезија денеска во Џакарта ги финализираа преговорите за Сеопфатниот договор за економско партнерство (ЦЕПА) и за Договорот за заштита на инвестициите (ИПА), кои преставуваат клучна пресвртница во спроведувањето на стратегијата на ЕУ за диверзификација и партнерства, зајакнување на меѓународните трговски и инвестициски врски и создавање нови можности за извоз и побезбедни синџири на снабдување со енергија и суровини. 

Во врска со усогласувањето на текстовите на двата договори, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека тие создаваат нови можности за бизнисите и земјоделците од ЕУ во една голема и растечка економија. 

– Се обврзавме да ги удвоиме диверзификацијата и партнерствата за понатамошна поддршка на работните места во ЕУ и за поттикнување на растот. Ова ни обезбедува и стабилно и предвидливо снабдување со критични суровини, неопходни за чистата технологија и челичната индустрија во Европа, нагласи Фон дер Лајен. 

Договорот ЦЕПА ќе овозможи намалување на царините за земјоделско-прехранбените производи од ЕУ, како и за клучните индустриски сектори, како што се автомобилската, хемиската и машинската индустрија.  

Се проценува дека со овој договор извозниците од ЕУ ќе заштедат околу 600 милиони евра годишно од давачки за пласман за нивните стоки на индонезискиот пазар, а воедно европските производи ќе бидат подостапни за потрошувачите во Индонезија. 

ЦЕПА треба да придонесе и за поттикнување на одржливиот раст и зелената транзиција и со него се создава зона на слободна трговија од над 700 милиони потрошувачи во ЕУ и Индонезија. 

Постигнатите договори сега ЕУ ќе ги достави на усвојување до Советот на ЕУ. Доколку Советот даде зелено светло за нив, документите ќе бидат официјално потпишани од страна на ЕУ и Индонезија, по што ќе треба да добијат согласност од Европскиот парламент и да бидат ратификувани во индонезискиот Парламент.