Вести
Јаневска до студентите по медицина: Науката носи прогрес за државата, вмрежувањето со студентите од други држави е можност за стекнување нови знаења и искуства
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, која денеска присуствуваше на четвртиот Интернационален медицински конгрес во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет – Скопје, упати порака дека студентите по медицина се иднината на здравството во земјата и дека државата вложува во науката бидејќи таа носи прогрес.
– Не само како министерка за образование и наука туку и како докторка, денес сум меѓу своите колеги и идните стручњаци на овој конгрес, кој е многу значаен затоа што само вмрежувањето со студентите од други држави ќе им овозможи да стекнат и нови знаења и нови искуства, да разменат пракси и така да се унапредуваат. Науката во медицината не значи само развој на науката и постигнување во науката, туку значи и добри стручњаци, но значи и подобрување на целокупниот здравствен систем во Македонија. Овие студенти, кои утре ќе спасуваат животи, кои ќе работат во тој здравствен систем, по малку се и специјални затоа што се љубители на науката – нагласи Јаневска во изјавата за медиумите пред почетокот на настанот.
Таа истакна дека оваа Влада вложува многу во науката.
– Идниот закон за високо образование им дава големи можности на оние што ќе бидат љубители на науката, а како што јас многупати сум кажала, па и деканот потенцира, науката и луѓето што ја сакаат и ќе се занимаваат во иднина со неа, ѝ носат прогрес на државата – потенцира министерката.
Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, Светозар Антовиќ, во изјава за медиумите рече дека исклучително се гордее на сето она што го прават студентите.
Ана Ќупева, претседателка на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет во Скопје и претседателка на четвртиот Интернационален конгрес за студентите по медицина во Скопје, им се заблагодари на министерката, на деканот и на сите професори, кои заедно со тимот го организирале денешниот конгрес.
– Драго ми е што сè уште има институции што вложуваат во науката за ние како студенти да имаме подобро утре, да имаме иднина во самата медицина. Без поддршката од нашиот факултет, овој конгрес не би бил можен. Се надевам дека ќе биде пример за вклученост на студентите, но и за да разбереме дека е наша одговорноста за здравјето и иднината на младите – порача Ќупева.
На новинарско прашање министерката Јаневска изјави дека има недостиг на медицински сестри во медицинските центри, болниците и клиниките, но, вели, проблемот не е во медицинските училишта оти тие се преполни и нема ниедно слободно место, туку во тоа како да се задржи овој кадар во земјата.
– Сметам дека нема недостиг на ученици, туку ни се случуваат други нешта и што е општо познато – ние образоваме кадар за странство, а тоа не треба да биде така. Ние се трудиме како Влада – и јас како министерка за образование и сигурна сум дека и министерот за здравство го прави тоа, да овозможиме услови со реновирање, со отворање нови методи и сè што е потребно, конкретно во здравството, да ги задржиме тука – изјави министерката Весна Јаневска.
октомври 16, 2026


