Connect with us

Регион

Пленковиќ ги отфрли како смешни и бесмислени обвинувањата на Вучиќ за мешањето на Хрватска во изборите во Србија

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ги отфрли обвинувањата на Александар Вучиќ за наводното мешање на Хрватска во српската изборна кампања и ја оцени протестната нота на Белград поради пишувањата на хрватските медиуми како смешна и „целосен нон сенс“.

„Мислам дека повторно станува збор за некаков спин што треба да ја поткрепи тезата дека Хрватска, како полунадворешен и полувнатрешен непријател, се меша во политичкиот процес и изборната трка во Србија, што е целосна бесмислица“, изјави Пленковиќ пред новинарите во Брисел.

„Оваа теза се изнесува долго време“, додаде Пленковиќ, кога беше прашан за новите обвинувања од доскорешниот српски претседател и актуелен носител на листата „Единствена Србија“, дека ниедна земја никогаш не се мешала во изборите на друга земја толку многу и толку брутално како што Хрватска се меша во претстојните избори во Србија.

Осврнувајќи се на протестната нота што Србија ја испрати до Хрватска поради пишувањето на хрватските медиуми за Александар Вучиќ и претстојните парламентарни избори, Пленковиќ рече дека медиумите во Хрватска се слободни.

„Во нашата земја, медиумите се слободни и пишуваат што сакаат, Србија има своја изборна кампања и нека се занимаваат сами со себе, нека се занимаваат со своите граѓани, Хрватска не се меша во тоа и тоа не е наша тема, но имаме вредни прашања каде што Србија треба да се движи напред, а не да ни испраќа смешни ноти“, рече хрватскиот премиер.

Тој додаде дека не треба да се посветува премногу внимание на тоа.

„Го видов текстот на нотата, се обидувам да разберам што сме направиле, а ако мислат дека го оркестрираме она што го пишуваат хрватските медиуми, а јас дури и не забележав нешто особено контроверзно, тоа е нивна работа. Не можам да навлегувам во тоа и да ви кажам искрено, сето ова ми се чини малку смешно“, смеејќи с еистакна Пленковиќ, кој е во Брисел за самитот на Европската народна партија, неформалниот состанок на Пријателите на кохезијата и самитот на ЕУ.

РТС синоќа објави дека Министерството за надворешни работи на Србија испратило протестна нота до Хрватска за мешање во внатрешнополитичката ситуација и изборната кампања во Србија.

Во нотата се оценува дека „обидите за надворешно влијание врз изборните процеси, како и одредени начини на известување од страна на хрватските медиуми за политичката ситуација во Србија, се неприфатливи“.

Во нотата се изразува загриженост за, како што се наведува, едностраното прикажување на политичките околности и нивната поврзаност со регионалната стабилност.

Ad
Ad