Connect with us

Политика

Јовановски: Кичево оди напред со конкретни проекти – реконструкција на улици и локални патишта, нови детски паркови и спортски терени во комплексот „Горица“

На 10 ноември 2025 година ја презедов функцијата градоначалник на Општина Кичево. Довербата што ми ја дадовте не ја доживувам како привилегија, туку како обврска — секој ден да работам чесно, одговорно и во интерес на сите граѓани. Граѓаните избраа промена. Избраа општина што ќе биде присутна на терен, институција што ќе слуша и раководство што ќе одговара на преземените обврски.

Нашата цел е Кичево да не се дели по населби, села, етничка, верска или политичка припадност. Општината е наш заеднички дом и секој граѓанин мора да има еднаков пристап, еднаква почит и еднакви можности. По повеќе од десет месеци од мандатот, денес давам прв посеопфатен отчет за сработеното. Не тврдиме дека сите проблеми се решени. Но можеме одговорно да кажеме дека Општината работи, дека постапките се движат и дека проектите од планови постепено стануваат реалност.

Една од областите во кои беше воспоставена особено интензивна динамика на работа е урбанизмот, градежништвото, заштитата на животната средина и комуналните дејности. Само во периодот од март до август 2026 година, во надлежниот сектор се евидентирани повеќе од 2.170 активности и обработени предмети. Во рамките на овој обем на работа се издадени повеќе од 1.500 акти, одобренија, решенија, изводи, потврди, согласности и други службени документи. Меѓу нив се повеќе од 515 изводи од урбанистички планови и 235 акти од областа на градежното земјиште. Преку електронските системи се обработени и издадени најмалку 200 акти во системот Е-одобрение за градење и 180 акти во системот Е урбанизам.

Издадени се и 165 потврди за адреса, 85 решенија за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, 45 урбанистички согласности, 35 известувања за урбанистички опфати, 30 заклучоци за запирање постапки за утврдување правен статус и 14 согласности за користење јавна површина. Покрај тоа, подготвени се потврди за легализација, акти по исправки и повторени постапки, проектни задачи, иницијативи, одлуки на Партиципативното тело и други управни акти од надлежност на Секторот. Дополнително, обработени се повеќе од 400 предмети преку системот Е-катастар, изготвени се 152 дописи до надлежните институции и странките и 45 записници од извршени теренски увиди.

Реализирани се и 56 активности поврзани со летните тераси и користењето на јавните површини, кои опфаќаат теренски увиди, пресметки и издавање соодветни одобренија. Овие бројки не претставуваат само административна статистика. Зад секој предмет стои конкретна потреба на граѓанин, семејство, инвеститор или деловен субјект – решавање на прашање поврзано со дом, имот, инвестиција, адреса, дозвола или долгогодишна управна постапка. Затоа нашата цел не е само да го зголемуваме бројот на завршени предмети. Нашата обврска е да изградиме систем во кој постапките ќе бидат законски, навремени и транспарентни, а граѓаните ќе добиваат точни информации, професионална услуга и еднаков третман.

Особено значајно е што се иницирани споени постапки за парцијално изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план, заедно со паралелна изработка, односно изменување и дополнување на деталните урбанистички планови, на вкупна површина од околу 20 хектари. Секторот е во завршна фаза на постапката во која ќе се отпочне оттуѓување/продажба на 40 – тина градежни парцели со наддавање. Со овие постапки создаваме планска основа за натамошниот развој на градот, за реализација на нова и подобра инфраструктура, за привлекување инвестиции и за планско и уредено користење на просторот.

Во изминатиот период завршивме повеќе значајни зафати во градот и во населените места. Реконструиран е локален пат Челопеци-Рабетино-во вредност од 2.187.720,00 денари. Реконструиран е локален пат во село Другово во должина од 250 метри. реконструирани се краци од улици со асфалт во с. Козица со вредност од 1.015.000 денари. Во село Тајмиште е реконструиран паркинг-простор пред училишната зграда и изграден е потпорен ѕид во должина од 30 метри. Завршена е Изградбата на Паркинг површина со бехатон плочки на ОУ Кузман Јосифоски Питу и Интернат со вредност од 3.933.000 денари Завршена е реконструкцијата на улиците во с. Зајас и Србица, реконструиран е локалниот пат во с. Грешница со вредност од 11.850.000 денари како и локалниот пат што ги поврзува с. Колибари и с. Црвивци во вредност од 22.600.000 денари,

Реконструиран е локалниот пат Мамудовци-Стрелци со вредност од 6.250.000 денари, завршена е реконструкцијата на локалниот пат во с. Србица во вредност од 35.400.000 денари, Завршена е реконструкцијата на корито од отворен атмосферски канал во с. Стрелци во вредност од 7.800.000 денари, улицата Маршал Тито од Мост на река Сушица до регионален пат Кичево-М.Брод со вредност од 26.700.000 денари, реконструиран е крак 1 и крак 2 на ул. 4-ти Јули со вредност од 13.500.000 денари, локалниот пат во с. Вранештица во вредност од 25.000.000 денари и должина од 2.8 км, локалниот пат до манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во должина од 4.0 км и во вредност од 34.000.000 денари, а во тек е реконструкцијата на улицата „Тренко Тасески“ во должина од 750 м и во вредност од 18.600.000 денари а се работи на реконструкцијата на објектот од Територијалната противпожарна единица во Кичево вредност од 27.500.000 денари, се работи и на реконструкција на ОУ „Санде Штерјоски„ за спроведување на мерки за енергестка ефикасност со вредност од 15.000.000 денари.

Започната е изградбата на новопроектирана улица во просторот околу поранешната „Штрафара“, со уличен профил широк 13 метри и должина од 265 метри. Во истиот комплекс се очекува изградба на тротоари со широчина од 2,5 метри во должина од 135 метри, како и тротоари со широчина од 1,5 метри во должина од 237 метри. Од проектите кои се во тек, а инвестирани од Општина Кичево може да ги наброиме и Реконструкцијата на ул. Тане Цалески и крак на Јанко Михајлоски со вредност од 4.600.000 денари, реконструкција на ул. Цар Самоил со вредност 2.500.000 денари, реконструкција на локален пат во с. Србјани со вредност од 696.000 денари., реконструкција на локален пат во с. Свињиште со вредност од 450.000 денари, реконструкција на ул. Димитар Влахов со вредност од 400.000 денари. 

Реконструкција на ул. 4ти Јули-крак од 11 Септември на кај Ламели, Реконструкција на крак на ул.4-ти Јули кај Интернат, изградба на детски рекреативни паркови со вредност од 2,500,000 денари во тек е иградбата на паркинзите во рамки на блокот “Воени“ згради со капацитет од преку 80 возила и со вредност од 3.500.000 денари се очекува и почеток на реконструкцијата на ул. „4-ти Јули“ и крак од ул. „4-ти Јули, два локални патишта во с. Бигор Доленци со вредност од 2,300,000 денари, локален пат с. Србјани со вредност од 500.000 денари, локален пат во с. Ново Село со вредност од 1 милион денари.

А при крај е изградбата на детски парк со димензии 40 на 17 метри. Во селата Иванчишта и Ново Село се очекува почеток на изведбата на резервоари за снабдување со питка вода. Наскоро се очекува да започне и вториот дел од улицата „Рудничка“, во должина од 200 метри. Пуштен е во употреба современиот систем за греење и климатизација на СОУ„ Мирко Милески„ и „Дрита„ во Општина кичево со вредност од 25.000.000 денари. Во контекст на изградба на фекална и атмосферска канализација и водоводна мрежа инвестирани со буџет на општината Кичево се изработени, фекална канализација во с. Грешница со должина од Л=350 м во вредност од 850.000 денари. Атмосферска канализација во с. Зајас Челиковци со должина од Л=57 м во вредност од 350.000 денари, фекална канализација на ул Партизански Одреди-Осој со должина од Л=80 м во вредност од 250.000 денари водоводна линија на ул. Партизански Одреди-Осој со должина од Л=80 м во вредност од 70.000 денари.

Во областа на животната средина и комуналните дејности се спроведоа субвенции за доделување на ваучери за инвертер-клими. Подготвен е извештај со процена на штетите од поплавите, доставен до Советот и до Владата. Реализирана е дезинсекција, изготвен е план за дератизација, а постапката за изградба на прифатилиште за згрижување на бездомните кучиња е во завршна фаза на јавна набавка. Конечно доаѓаме и до завршна фаза и во решавањето на деценискиот проблем со депонијата за што општината обезбеди дополнителни 10 милиони денари кои ќе се искористат за изнесување на сметот во регионална депонија. Се постапува по барања за еколошки дозволи, се вршат теренски контроли и се работи на катастарски карти за повторна процена на данокот на имот. Со тоа ја уредуваме евиденцијата, ја зајакнуваме правичноста и создаваме подобра основа за сопствени приходи на Општината.

Паралелно со тековните работи, подготвуваме и поголем пакет капитални проекти. Нивната индикативна вредност надминува 470 милиони денари, односно повеќе од 7,5 милиони евра. Меѓу приоритетите се спортските терени во комплексот „Горица“, заедно со решение за атмосферските води; резервоарот „Осој“ со капацитет од 500 кубни метри кј ќе биде наменет за с. Раштани и с.Осој но и како дополнителен резервоар за градот Кичево; реконструкцијата, проширувањето и урбаното уредување на градскиот плоштад, со проценета вредност од околу 2,5 милиони евра; воведувањето паметни водомери; локалните патишта кон Ехловец, Иванчишта, Лешница, Кладник и кракот кон Кладник, со вкупна вредност поголема од 2 милиони евра; како и улици и потпорни ѕидови во Белица. Нашиот пристап е јасен: проектна документација, обезбедување извори на финансирање и реализација по утврдени приоритети. Не сакаме проекти што постојат само на хартија, туку проекти што ќе бидат видливи и корисни за граѓаните.

Одговорното работење не се мери само преку бројот на реализирани проекти, туку и преку внимателно и домаќинско управување со буџетските средства. Кај ученичкиот превоз, во 2024 година биле исплатени 42 милиони денари, во 2025 година 21 милион денари, а во текот на 2026 година, до периодот опфатен со овој отчет, 7.120.000 денари. Овие податоци ја покажуваат потребата трошоците постојано да се следат и да се планираат врз реални основи. Во 2026 година Општината нема ангажирано надворешен адвокат, со што се избегнува претходен годишен трошок од околу 650.000 денари. По основ на присилна наплата и извршни налози, во 2024 година биле исплатени 18.500.000 денари, во 2025 година 17.700.000 денари, а во 2026 година, до периодот опфатен со отчетот, 5 милиони денари. 

Нашата цел е обврските да се сервисираат навремено и да се намалуваат дополнителните трошоци од камати и извршување. Од буџетската ставка за јавна чистота не се ангажирани лица, со што е остварена заштеда од приближно 6.700.000 денари. Во тек е повторна процена на имотот, која ја спроведуваат општинската даночна единица и надворешни лица платени според сработеното. Целта е да се воспостави поправедна и ажурна даночна евиденција и да се зголемат сопствените приходи на Општината.

Донесен е и нов правилник за плати во Територијалната противпожарна единица. Основната плата е поставена на ниво на самостоен референт, со законски предвидено зголемување од 20 проценти. Со ова се надминуваат дел од долгогодишните незадоволства и се намалува ризикот од нови судски постапки. Во рамките на социјалната поддршка, доделени се 99 годишна финансиска помош за лица со попреченост, во вкупен износ од 4.752.000 денари.

Во учебната 2025/2026 година работевме на административни, финансиски и инфраструктурни прашања во училиштата. Подготвени и доставени се документи до Министерството за стариот и новиот модел на финансирање, постапувано е по барања и именувања вршители на должност директори, а обезбедена е поддршка за децата со попреченост  по 4000 илјади денари месечно во целокупното траење на мојот мандат. Обезбедивме ваучери за првачињата и награди за учениците што постигнаа резултати на државни и меѓународни натпревари. Се работи на проект за фасада и инфраструктурни зафати во ООУ „Санде Штерјоски“, на паркингот кај ООУ „Кузман Јосифоски-Питу“, како и на санитарен блок во ООУ „Наим Фрашери“ во Јагол. Отворени се дневни центри во училиштата „Санде Штерјоски“, „Кузман Јосифоски Питу“ и „Христо Узунов“ во Другово, а покрената е и иницијатива за проширување на детската градинка „Олга Мицеска“. Завршени се работите во објектот „Агрокоп“, со што се создадени услови за активностите на Црвениот крст сега непречено може да ги обавуваат своите активности во нова зграда.

Во спортот продолжи финансиската поддршка за клубовите, а Општината ја поддржа и манифестацијата „RUN Кичево“, односно кичевскиот маратон Посебно место има културата. Во рамките на проектот „Град на културата“, со кој се закитивме во 2026 година со поддршка од Министерството за култура во износ од 4.000.000 денари и со средства од општинскиот буџет од преку 6.000.000 денари до септември се реализирани повеќе од 100 културни активности. Кичевската публика имаше можност да проследи настани со Македонскиот народен театар, „Танец“, „Мизар“, „Леб и сол“ и бројни локални уметници. Програмата беше повеќејазична, мултиетничка и отворена за сите, а културните активности продолжуваат и во преостанатиот дел од годината. За потребите на општата Болница во Кичево набавен и ставен во употреба е Ултразвучен 4 Д ехо апарат за рана детекција на карцином на дојка, кој е во целост финансиран од општина Кичево.

Почитувани сограѓани, Овој отчет е резултат на заедничка работа. Им благодарам на општинската администрација, јавните претпријатија, Советот, училиштата, институциите, здруженијата, културните работници, спортските клубови и на сите граѓани што со предлози, критики и поддршка придонесуваат Кичево да оди напред. Ништо не се менува преку ноќ. Но ниту еден проблем не смее да биде игнориран. Нашата обврска е плановите да ги претвораме во проекти, проектите во градилишта, а градилиштата во подобри услови за живот. 

Ќе продолжиме со обезбедување средства, подготовка на проектна документација, подобрување на административната ефикасност и воспоставување финансиски ред. Нашите цели се јасни:  функционална и услужна општина;  уреден и модерен град; подобра инфраструктура во секоја населба; квалитетно образование и грижа за секое дете; поддршка за културата, спортот и младите; еднакви можности за сите; Кичево во кое младите ќе остануваат, ќе работат и ќе создаваат семејства. Промената не е само изборен резултат. Промената е секојдневна обврска. Довербата не се добива еднаш засекогаш — таа се заслужува секој ден. Ќе продолжиме заедно, без поделби, со почит кон секој човек, со отчетност за секој денар и со јасна цел, достоинствен живот за сите граѓани на Општина Кичево.

Ad
Ad