Вести
Владата ќе разгледува можност за субвенционирање инсталирање филтри на оџаците на домаќинствата што се затоплуваат со фосилни горива и дрва

Владата на денешната седница ќе ја разгледа можноста да субвенционира инсталирање филтри на оџаците на домаќинствата кои се затоплуваат со фосилни горива и дрва, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба затворен базен во Штип.
Одговарајќи на новинарски прашања, во однос на мерката за субвенционирање на сметките за струја, дали е доволна за надминување на енергетската криза за следната грејна сезона, тој изрази убедување дека мерката ќе го олесни, односно растерети семејниот буџет.
– Гасификацијата е процес кој ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати, можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима уреди, топлински пумпи и за субвенционирање сметки за социјално ранливи категории, на од прилика пет до 10 илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците за оние домаќинтсва кои користат фосилни горива, односно дрва, рече Мицкоски.
Посочи дека изминатите денови работел на та апроблематија и заклучил дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето.
Владата, нагласи, мапирала околу 500 државни објекти, кои користат фосилни горива или дрва и таму да инсталираат филтри со што би го намалиле загадувањето.
– За жал ништо не е направено овие 35 години. Очекувам повторно одредени невладини активисти со почетокот на грејната сезона да се борат за воздух иако изминатите седум години никаде ги немаше. Затоа ќе се обидеме да антиципираме однапред да видиме колку можеме сега. Само треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предви дека сме во избори и дека изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка, подвлече Мицкоски.
септември 24, 2025