Останати спортови
Две победи на македонските екипи во последното коло на Европскиот шаховски куп
Шахистите на Алкалоид го завршуваат настапот на Европскиот клупски куп во шах со доминантна победа од 5:1 над француската екипа Марсеј Ешех, која им донесе уште два бода, за вкупно 11 во седум кола.
По премрежјата за фаворитите кои се случија во 5. и 6. коло, табелата неколку пати го менуваше лидерот, па така откако Супер Чес и Нови Бор ремизираа во драматичен меч каде што победникот веројатно би ја освоил титулата, турскиот клуб Бајеган Пендик од третото место имаше жрепка да оди директно на ланскиот шампион СуперЧес и со тесна, но решавачка победа од 3,5:2,5 да направи пресврт и да стигне до европската титула.
Македонските шампиони кои претходно ремизираа со 6. носител на турнирот, домашната Електропривереда, во последното коло имаа шанса да престигнат некој од конкурентите доколку тие би одиграле нерешено или да го загубат мечот, но такво нешто не се случи, па се најдоа на делба на 4. место. По аплицирање на дополнителен „тај-брејк“ критериум, Алкалоид заврши на шестото место.
– Резултатот од последното коло е 5:1 и го сметам за објективен. Францускиот тим даде солиден отпор, на првата табла успеаја да задржат реми. Веи имаше уште една екстра партија, а цел поен прокнижи и Јангји Ју. На четвртата беше „најтрусно“, Пураник со црни фигури имаше слаб старт, но се избори за еднаква позиција, за во долга и исцрпувачка дамска завршница да успее да направи комплетен пресврт и да победи. Ивиќ го заокружи турнирот со уште една победа, додека на шестата табла Станојоски имаше шанси за победа до крај, но поради мала непрецизност во нападот, противникот доби шанса за реми и ја искористи. На крај, мора да се заклучи дека игравме во екстремно силна конкуренција, два тима го поделија првото место со 13 бода додека третото место му припадна на тим кој беше 9. носител и имаше само еден тежок меч (со Нови Бор), додека во останатите натпревари беше впаруван со аутсајдери. „Швајцарскиот систем“ на впарување и овој пат не донесе дуел на првопласираниот и второпласираниот,- напомна капитенот на „фаврмацевтите“, ВМ Влатко Богдановски.
Не смее да се заборави дека двајца играчи на ШК Алкалоид освоија и медали поединечно за настапот по табли, и тоа: Ји Веи – сребрен медал на втора табла и Велимир Ивиќ – бронзен медал на шеста табла.
Вториот македонски тим, ШК Мулти Есенс, во последното 7. коло го доби дуелот со турскиот тим Фенербахче Сатранч (изразен со резултат 3,5:2,5), каде што на пет табли се играа реми партии.
ШК Мулти Есенс влезе на турнирот со 43. место според просечниот стартен рејтинг и со четири победи и 8 бода на крајот се најде на делба на 29. место, додека со дополнителен критериум му е определена 37. позиција на табелата.
Идната година за прв пат ќе се игра Европска Супер лига во шах, со осум најквалитетни екипи, пласирани по неколку критериуми од одржанит ЕКК. Организатор на турнирот за европската екипна шаховска круна ќе биде Романија, а турнирот ќе се одржи во главниот град Букурешт, во првата декада на февруари.
октомври 26, 2026


