Вести
Во Брисел одржан прием по повод Денот на македонската независност

На 8 септември 1991 година нашите граѓани на референдум ја потврдија својата посветеност на независноста, отворајќи го патот кон изградба на модерна, суверена и демократска држава, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во видео обраќање на приемот што синоќа се одржа во зградата на Градскиот совет на Брисел по повод Денот на македонската независност – 8 Септември.
– Ова беше кулминација на вековниот стремеж за самоопределување и достоинствен живот во нашата земја. Во текот на изминатите 34 години, нашата земја помина низ длабока трансформација и целосен процес на демократска транзиција, рече Муцунски.
Тој потенцира дека и покрај предизвиците, нашиот народ го зачувува својот идентитет, јазик и традиција, прифаќајќи ги слободата и демократијата, за што, како што рече, искрено сме им благодарни на Европската Унија и на нејзините членки.
– Денес, нашата држава е релевантен актер на меѓународната сцена како членка на Обединетите нации, горд НАТО сојузник, целосно усогласена со заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потписничка на безбедносното партнерство, со што активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност, додаде Муцунски.
Шефот на дипломатијата нагласи дека членството во ЕУ останува политички приоритет број еден на земјата, не само со зборови, туку и со реални реформи и дела.
– Тоа е иднината што нашите граѓани ја избраа пред 34 години – силна, суверена и независна земја, дел од европското семејство. Во духот на сопствената одговорност да продолжиме да ја градиме и зајакнуваме нашата земја, бидејќи независноста не е настан од минатото, туку процес што продолжува секојдневно. Цврсто верувам дека еден ден сонцето ќе свети покрај ѕвездите на Европската Унија, додаде Муцунски во видео обраќањето.
Во свое име и во името на останатите организатори на приемот, в.д. постојан претставник на земјава во НАТО, Исмаил Ебипи, вршителката на работите во Македонската амбасада во Белгија, Сузана Мехмеди и воениот претставник на државата во НАТО и ЕУ, полковник Ивица Ампов, пред присутните гости на приемот се обрати шефот на македонската мисијата во ЕУ, Зулфи Исмаили.
Амбасадорот Исмаили посочи дека од Денот на независноста во 1991 година, земјата мина пат на трансформација, од предизвикувачките почетоци кога и беше потребна поддршка од меѓународна заедница, до приклучување кон повеќето меѓународни организации и станување сигурен и вреден член на меѓународната заедница.
– Уште од самиот почеток нашиот Парламент едногласно одлучи дека двете главни стратешки цели ќе бидат членството во НАТО и ЕУ, порача Исмаили во обраќањето пред претставниците на Алијансата, меѓу кои и заменик генералната секретарка на Пактот, Радмила Шекеринска, на институциите на Унијата и на белгиските власти, присутните членови на дипломатскиот кор во Брисел и припадници на македонската дијаспора во Белгија.
Исмаили потенцира дека и покрај многуте предизвици со кои се соочивме во текот на годините на нашиот европски пар, никогаш не се откажавме од членството во ЕУ, за што доказ е и постојаната и силна поддршка од нашите граѓани на пристапувањето на земјата кон Унијата,
– Оваа посветеност ја потврди и неодамнешниот Евробарометар, покажувајќи дека околу 70 отсто од нашите граѓани имаат позитивен став и силна доверба во нашите аспирации за членство во ЕУ. Постепената интеграција или како што сакаме да ја наречеме забрзана интеграција, како што се Планот за раст, делумната интеграција во единствениот пазар и потпишувањето на нашето партнерство во безбедност и одбрана како прва земја во регионот, се значајни чекори што носат придобивки уште пред нашето членство, додаде Исамили.
Тој потсети дека годинава ја одбележуваме и петтата годишнина од нашето членство во НАТО, каде покажуваме дека земјата е вреден член на семејството на Алијансата, обезбедувајќи стабилност, особено во нашиот регион во услови кога се соочуваме со предизвици кои се поголеми од кога било досега.
На приемот настапи и македонската пејачка Елена Петреска, која изведе неколку народни и популарни песни, а присутните можеа да уживаат и во традиционалната храна подготвена од членовите во двете наши мисии и Амбасадата во Брисел и членови на нивните семејства.
Гостите на приемот може да уживаат во пити, домашна погача, ѓомлезе, ајвар, тавче гравче, сарма, повеќе видови сирења и голем број други македонски традиционални специјалитети, како и сето тоа да го залијат со македонски вина.
септември 23, 2025