Култура
Актерката Слободанка Чичевска со премиерата „Ние двајцата и Алојз“ ќе одбележи 45 години на сцената
Слободанка Чичевска, актер од велешкиот Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ со премиера на претставата „Ние двајцата и Алојз“ на сцената на Театарот вечер во 20 часот ќе заокружи свој голем јубилеј – 45 години од првата улога на сцената на професионалниот театар и 40 години од вработувањето во велешкиот театар.
Таа е една од најплодните македонски актерки која остварила скоро 200 улоги, од кои многу главни, а добитник е на многубрајни награди и признанија. Претставата ја режира Деан Дамјановски, а работена е според текстот „Сите нешта што ми ги украде Алојз“ од Космин Стенила, младиот романски актер, драмски автор и изведувач. Драматург е Сашо Димоски, а преводот е на Ермис Лафазановски. Сценограф е Филип Коруновски, костимограф Катерина Чукниева, композитор Сашко Костов, а фото Крсте Шупев.
Покрај Чичевска во претставата играат и Васил Зафирчев и Филип Христовски.
Како што информира режисерот Деан Дамјановски, станува збор за психолошка драма со интересен женски лик кој заболува од Алцхајмеровата болест или деменција и синот кој решава да остане со мајката. Појаснува дека болеста надвор од медицинската рамка станува прашање на идентитетот: што останува од човекот кога меморијата повеќе не може сигурно да го одржи континуитетот меѓу минатото и сегашноста? Дали исчезнувањето на сеќавањето значи и исчезнување на личноста или постојат други форми на приуство што продолжуваат да постојат во телото, гласот и односот со другиот? Драматуршки, ова прашање се материјализира преку триото мајка-син-Алојз(Алцхајмер) .
Репризата на претставата е закажана за 13 октомври.
октомври 9, 2026


